Фото: Приватна архива

Лозано би бил наш одличен евровизиски претставник, а голем број евровизиски фанови би полуделе од среќа кога повторно би нѐ претставувала Елена Ристеска. „Нинанајна“ ја знаат на памет! Треба да се земат предвид и нашинците што работат и творат во странатво, зошто да не пее за нас Боби Андонов, на пример, па дури и Блета Реџа (Биби Рекса). Таа е и македонски државјанин и е светски популарна, вели претседателот на евровизискиот фан клуб ОГАЕ-Македонија, ИгорТрајковски

Игор Трајковски е електроинженер-информатичар, кој последниве години повеќе работи на раководни функции отколку програмерски, а како што ни откри токму во моментов размислува кој би бил негвоиот следен професионален предизвик. Живее во Амстердам, Холандија, со една нога, а во Скопје со друга. Вечерва заедно со членовите на евровизискиот фан клуб ОГАЕ-Македонија ќе го следи финалето на „Евровизија 2023“. Неговото доаѓање во родниот град го искористивме да поразговараме со Игор за новите трендови на овој престижен фестивал, за македонското (не)учество и други интересни теми поврзани со „Евровизија“.

Досега „Евровизија“ сте ја следеле во живо дваесетина пати. Од кога потекнува вашиот интерес за овој фестивал?

– „Евровизијата“ ја следам откако паметам, првата што ја помнам е 1974, кога победи „АББА“, и тоа не од музички аспект туку визуелен – нивните костими ми изгледаа страшни, како во хорор филм. (Презентацијата, очигледно, уште тогаш имала силен ефект.) Откако и Македонија се вклучи како натпреварувач ја следам повнимателно, а особено од настапот на Тоше 2004. кога и првпат го следев фестивалот од салата, во Истанбул, Турција.

Бидејќи воедно сте и претседател на ОГАЕ-Македонија кажете ни што конкретно значи кратенката и претставете ни ги активностите на организацијата и вашиот ангажман деновиве.

– ОГАЕ е акроним и доаѓа од францускиот – Organisation Générale des Amateurs de l’Eurovision. Во слободен превод, меѓународна организација на евровизиските фанови. Постои од 1984 година и е граѓанска организација, невладина и непрофитна. Секоја земја која кога било – барем еднаш – учествувала на Евровизија има право да си организира свој огранок/клуб. Секоја членка е независна и може да се организира по своја волја, но е потребно да има претставник (претседател) кој учествува на состаноците кога се носат одлуки за статутот на меѓународната организација. Со членството се стекнува право и на одреден број пакети влезници за евровизиските фестивали, попусти во официјалната евровизиска онлајн продавница, а додека имаше акредитации за фанови (до пандемијата), добар дел од нив беа давани на членовите, во договор со националните телевизии.
За финалето, и годинава се собираме со дел од членовите на клубот заеднички да го проследиме. Без стрес и адреналин бидејќи немаме свој претставник, што не значи дека нема секој да си навива за својот фаворит (или два).
И лани го следев фестивалот од Скопје, како и годинава, бидејќи цените на сместувањето во Торино беа вртоглави и минатата година, и сега во Ливерпул. Од година во година трошоците за „евровизискиот аџилак“ се сѐ поголеми и поголеми, и веќе достигнаа – за мене – неприфатливо ниво.

Игор и Калиопи, Баку, 2013. / Фото: Приватна архива

По низа од повеќегодишно невлегување на нашата земја во финалето на овој избор, носителот на лиценцата, МРТ, одлучи годинава да не испратиме свој претставник, наводно, причината пред се е штедење. Дали тоа е добра одлука?

-Ако финансиите се причината, тогаш одлуката е правилна – да тргнам од себе, ете, и јас две години по ред ја носам истата одлука дека трошоците би ми биле преголеми и затоа не одам. Домаќински. Но, и да не е тоа вистинската причина, можеби е добро да се паузира година-две за да се преиспита што е тоа што (не) го правиме кое води до релативен неуспех на овие фестивали, и да се преземат чекори тоа да се надмине. Не сме ни први ни последни што направиле таква пауза, која и да е причината.

Со Есма и Лозано, (Малме, 2013.) / Фото: Приватна архива

Според вас што би требало да смениме во домашниот избор на наш евровизиски претставник, за да бидеме поуспешни и во чекор со времето? Дали начинот на избирање, евровизискиот тим, да вклучиме нови авторски имиња, нови пејачи…?

-Ах, прашањето за милион долари кое веројатно измачува и многу други земји. Начинот на избор не е најголемиот проблем, сме имале и успешни и неуспешни учества без оглед на тоа дали песната била избрана на национален избор/фестивал или директно од МРТ. Зајакот лежи во „што потоа“, и како да се извлече максимумот од избраното. Види, ако изборот е помеѓу, да речеме, 10 лоши композиции и ја бираш најмалку лошата, тогаш имаш проблем уште од самиот почеток, без оглед дали е избрана со телевоутинг или од некоја комисија, бидејќи од секоја патка лебед не бидува. Меѓутоа, ако имаш добра композиција, во денешно време, многу е важно што ќе се направи со неа: аранжман, маркетинг, визуелна презентација. Евровизијата, јасно ни е на сите, не е веќе само музички фестифал како во минатиот век, сега е визуелно-музички спектакл. На времето, Евровизија сме следеле и на радио, кој денес го прави тоа? Ако сакаме каков и да е успех на овој фестивал, потребна ни е нова енергија. А не е дека немаме и репер за успешни претставувања, само некако тешко ни оди тоа да го повториме, излегува како тоа да била случајност (а не била, знам колку работа имало за да се постигне тој каков-таков успех). И нормално, треба да се одвои време, не да се „склепа” нешто во 5 до 12. И финансиите се многу битни – некои композиции дозволуваат минималистичи настапи со поскромни издатоци, но некои не бидејќи ќе се изгубат во конкуренцијата. Евровизијата, кога веќе учествуваш, треба да биде повеќемесечен, дури и целогодишен проект, бара и истражување, и анализа на трендови, музички, модни, сценски… Што се однесува до авторите и пејачите, тоа е веќе прашање на понудата, и тоа не само што имаме „на лагер”, туку и кој се пријавува за учество. И дали најквалитетните воопшто сакаат да учествуваат, а ако не – зошто. Ова е поприлично широка тема за дискусија, но треба да се отвори и да се дискутира.

Членовите на ОГАЕ-Македонија пред заминување во Тел Авив ( 2019. ) / Фото: Приватна архива

Дали можеби имате некој конкретен предлог, кој би можел да не претставува догодина на „Евровизија 2024“?

-Би можеле веројатно повеќе, но прашање е дали сакаат. Мислам дека Лозано би бил одличен претставник. Евровизиските фанови (светски, не наши – а сигурно и наши) би полуделе од среќа кога повторно би нѐ претставувала Елена Ристеска. „Нинанајна“ ја знаат на памет! Јас би проверил каква е ситуацијата и со нашинци што работат и творат во странатво, зошто да не – Боби Андонов, на пример, па дури и Блета Реџа (Биби Рекса), таа е и македонски државјанин и светски популарна.

По првите две полуфинални вечери на „Евровизија“ изгледа како мелодијата и „нормалните“ песни веќе да ги нема на фестивалот. Како фестивалот да се наоѓа на некој крстопат и не знае како понатаму. Кое е вашето мислење за тоа и имате ли фаворит за победа?

-Фестивалот се менува со годините, може да сме носталгични по времињата кога мелодијата беше најважното нешто, но денес тоа е фестивал што треба да го задоволи и окото, а не само увото, и треба да се следи комплетно. И музичкиот свет се менува како доаѓаат нови генерации. За да ги привлечеш помладите, треба да направиш нешто што е атрактивно и препознатливо во 20 секунди на Тик-ток. Целта сега е да има по нешто за сите, и тешко е една композиција да ги задоволи сите „целни групи“. Италија, Швајцарија и Франција годинава одат со покласични, мелодични композиции. Србија оди со нешто концептуално различно, како и лани со Констракта. Хрватска игра на политички сатиричен шок-ефект. Словенија праќа одличен поп-рок. Финска оди со еден луд забавен метал-техно-рап. Португалија е комплетно во кабаре/бурлеска фазон. Шпанија се одлучи за традиционално фламенко. Франција праќа нумера вредна за Едит Пјаф, завиткана во диско руво. Велика Британија, пак, праќа потпросечна поп нумера, комплетно нерепрезентативна за една земја со такви продукциски капацитети. Шведска ќе се обиде повторно да победи со Лорин, со песна во стил на „Еуфорија” (но, според мене, полоша). Ќе биде интересно за гледање – а по нешто и за слушање. За победа најголеми шанси има Шведска, без оглед што песната не ѝ е толку јака како победничката од 2012-та, но сепак е моќна и во конкуренцијава е една од појаките. А мој фаворит, кој јас би сакал да победи – Финска.

Дали нашите соседи: Србија, Грција, Албанија, па и Хрватска и Словенија имаат шанси за добар пласман?

-Грција секако не, не влегоа ни во финале. Албанија не очекувам годинава да котира високо, иако изненадувања се случуваат. Останатите имаат какви-такви шанси, секоја од различни причини: Србија е необична/нестандардна, Хрватска го има политичкиот елемент со шокантно-иритирачка изведба својствена за Лет 3, а Словенија е, едноставно, слушлива и слатка композиција со добар сценски настап. Сепак, ниедна од нив не ми е на ниво за победа.
Квалитетот на песните е секогаш дискутабилна категорија. Според мене, музички е поприлично медиокритетен (ако и тоа), со ретки исклучоци, но дури и тие исклучоци се повеќе во контекст на фестивалската конкуренција, а не на севкупниот музички пазар. Дали некоја од песните воопшто би ја слушал или би поминала на пазарот ако не беше фестивалот? Повеќето, не. Но, изгледот на фестивалот, шоуто, продукцијата – тоа е сѐ на многу високо ниво и како напредува технологијата, така и тој станува подобар.

Автограмот од Тоше (Истанбул, 2004) / Фото: Приватна архива

Сте биле на многу „Евровизии“, и сте доживеале интересни средби, случки…Ќе сподлеите ли со нас некои од нив, кои никогаш нема да ги заборавите?

-Случки има премногу за спомнување. Калиопи ни направи најголема чест во Баку, каде и да нѐ видеше низ градот со знамињата секогаш дотрчуваше да се поздрави, да се посмееме, а на враќање од Баку ни беше како стјуардеса во авионот, нон-стоп доаѓаше да провери дали е сѐ во ред, да не сме гладни, жедни, нешто да ни донесе – како за целиот нејзин тим, така и за нас. И кусата аеродромска средба со Тоше на враќање од Евровизијата во Истанбул 2004-та е незаборавна. Беше уморен и по малку тажен, но дојде да се поздрави, да нѐ прегрне, а „украдовме“ и автограм. Сепак, она што е заедничко за сите Евровизии и што останува засекогаш е дружбата со пријатели кои ги гледаш во најголем број случаи само еднаш годишно, додека трае Евровизијата, а сите ве поврзува таа некоја љубов кон фестивалот. Да се биде во друштво со сите новинари кои деноноќно работат под (позитивен) стрес тие неколку дена, сите полни со информации, помагаат еден на друг, од секого има што да научиш – тоа е еден посебен вид соработка и дружење што ретко се наоѓа на друго место.

Кој е за вас македонскиот најуспешен, најхаризматичен и најинтересен насташп на „Евровизија“, а кој не сакате ни да го коментирате?

– Најуспешен ни е секако настапот 2019-та со Тамара, но покрај неа би ги издвоил и Калиопи 2012-та и Елена 2006-та. А нема настап, добар или лош, кој не би го коментирал, напротив. И од добар и од лош резултат има што да се научи ако се сака, од лошиот дури и повеќе – само треба да се прифати критика, како позитивна, така и негативна.

Имате ли некоја омилена евровизиска песна што често си ја потпевнувате?

-Имам повеќе, ама ќе издвојам две: „Non Ho L’eta” на Џиљола Чинквети (Италија, 1964) и „Нека ми не сване“ на Данијела Мартиновиќ (Хрватска, 1998). А во последно време ми се врти рефренот на „Во име на љубовта“ на Тамара, Врчак и Гаџа – веројатно некаде сум ја слушнал на поминување и сега не ми излегува од глава!