Артан Груби / Фото: Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците

Не сме задоволни од работата на нашите министри, Владата не направи доволно за граѓаните и затоа побаравме да функционираат партиските органи за да има одговорност, изјави во интервју за ТВ Клан, Невзат Бејта, кој е експотпретседател на ДУИ и дел од „огнената група“ која бара разрешување на првиот вицепремиер Артан Груби.

-Актуелната власт не им служи на граѓаните. Кажете ми еден успех на Груби како вицепремиер, затоа што јас не знам да наведам -рече Бејта.

Тој го обвини Груби дека не му помогнал на локалните избори туку дека се себепромовирал.

-Артан Груби беше гласен во мојата кампања, но тој се промовираше себеси, а не мене, јас бев кандидат на ДУИ, а не Артан Груби. Ве молам, не можете да му ги препуштите заслугите на Али Ахмети и ДУИ на Артан Груби – рече Бејта.

На прашањето дали се плаши од Алијанса за Албанците за позициите на ДУИ во Гостивар откако градоначалникот Арбен Таравари стана и претседател на таа партија, Бејта одговори дека нема зошто да се плаши оценувајќи дека Алијанса за Албанците е ослабена особено по поразот на изборите во Тетово каде што, како што нагласи, доживеа политички дебакл.

-Арбен Таравари требаше да си поднесе оставка, како што тоа го стори Зијадин Села. Анкетите покажуваат дека сме многу понапред од Алијансата за Албанците. Тие се слаби во повеќето региони, дури и во Гостивар се на половина од тоа што беа – изјави Бејта.

На прашањето што мисли за евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата, тој одговори: „Нека нѐ победат на избори, па нека влезат. Но, ако сега влезат, таа партија ќе се спои со ДУИ. Всушност, треба да јакнат како опозиција. Во демократија треба да се има и опозиција и власт“.