Фото: Горан Анастасовски

Температурите падна, парното греење уште не се користи, а загревањето на струја ретко каде е опција, со оглед на зголемените цени за електрична енергија. Какво време не очекува наредниот период и ќе успееме ли да заштедиме за греење уште некое време?

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) велат дека претстојниот викенд нè очекува променливо време, со ладни утра и сончеви периоди во текот на денот, па минималната температура ќе се движи од 2 до 10 степени Целзиусови, а максималната ќе достигне и до 26 степени.

-Следната недела се очекува пораст на утринските температури кои би се движеле од 7 до 14 степени, а дневните би достигнале до 27 степени Целзиусови. Во вторник, на одделни места, посебно во Полошкиот регион, можна е појава на поријни врнежи проследени со грмажи и засилен ветер. Генерално до средината на октомври не се очекува позначаен пад на температурите – велат од Синоптичкиот центар при УХМР.

Според есенската прогноза на УХМР, за септември, октомври и ноември годинава се очекуваат просечни температури на воздухот, како и сушна сезона со врнежи под просекот.

– Според анализите за целиот југоисточен регион на Европа се очекува есенските температури да бидат малку повисоки од просечните. За територијата на Македонија постои поголема веројатност за мало позитивно отстапување на температурите на воздухот (околу +1 степен од просечните). Не се исклучува можноста до крајот на септември да имаме продолжеток на летото, потопол период и постепено заладување во октомври и ноември. Се пореални се очекувањата дека во есента ќе продолжи трендот на негативни отстапувања во однос на просечните количини на врнежи, како што беше и досега. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има сушна есен и подпросечна количина на врнежи – велат од УХМР.

Предвидувањата на метеорилозите велат дека во октомври не се очекува позначаен пад на температурите кој би донел потреба со дополнително загревање на домовите.

Фото: Горан Анастасовски

УХМР прогнозира дека просечна есенска температура на воздухот (септември-октомври-ноември) во периодот 1981-2010 година се движи во граници од околу 8 степени во планинските предели до 16,9 степени Целзиусови измерена во Гевгелија.

– Согласно изработената долгорочната прогноза за октомври на целата територија на Македонија треба да очекуваме просечни температури, со веројатност на отстапување од околу плус/минус 1 степен Целзиусов. Што се однесува до количините на врнежи за  октомври, очекуваме подпросечни вредности. Во ноември очекуваме температури над просекот, со поголема веројатност на отстапување во источниот дел, а постои голема веројатност дека врнежите на целата територија на Македонија ќе бидат под просечните вредности – стои во извештајот на УХМР.

Оттаму велат дека малку над просечна температура на воздухот и количини на врнежи во рамките на многугодишниот триесетгодишен просек (1981-2010) се очекуваат за претстојниот зимски период (декември годинава и јануари и февруари 2023 година).