Фото: МИА / Архива

На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор во случаите „27 април“ и „Шпански скали“. Ексминистерот претрпел штета поради притворите и државата треба да му плати отштета од 3.900 евра, пресуди Европскиот суд за човекови права.

Во пресудата се наведува дека Судот утврдил недостиг на доволни причини на неговото приведување, како ненавремено разгледување на жалбите кои се поднесувани за притворите. Јанакиески до Европскиот суд потпирајќи се на член 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, се жалел на незаконитост и самоволие, немање релевантни и доволни причини и недостиг на брзо преиспитување на неговото лишување од слобода.

– Утврдена е повреда на член 5 став 3 поради немање доволно причини за лишување од слобода на жалителот и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на брзо преиспитување на лишувањето од слобода на жалителот – се наведува во пресудата на ЕСЧП.

Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“.