Фото: Официјален Фејсбук-профил на министерот за правда

Кога постојат избори вклучувајќи ги и овие, тоа говори и за изборот на јавниот обвинител, но и за тие кои го избрале јавниот обвинител, рече денеска министерот за правда Никола Тупанчевски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ во однос на изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

– Ќе бидам брутално искрен и ќе кажам дека не е неважно за министерот за правда што се случува во неговиот дом, практично во рамките ако се земе формата влегуваат и судството и обвинителството, нотарите, извршителите, итн, – посочи Тупанчевски.

Тој посочи дека во поновата правна историја на нашата држава имавме три модели за избор на обвинители и судии.

– Првиот модел ги избираше Собранието, вториот модел требаше да биде прогресивен или напреден, ги избираше Советот на јавни обвинители и Судскиот совет и она што е трето или најнов модел кој е предвиден со новиот Закон за јавно обвинителство, а тоа беше 2020 година кој беше консензуално усвоен од Собранието на нашата држава. Јас бев дел од подготовката на тој Закон, имаше и невладини организации и сметавме дека овие два претходни модели имаат одредена потреба за корекција или објективизирање на критериумите за избор на јавни обвинители и судии и во таа насока се движевме да инкорпорираме модел кој би бил транспарентен, објективен и во таа насока беше предвиден овој концепт, односно јавните обвинители да го бираат јавниот обвинител – појасни Тупанчевски.

Тој рече дека дотука може да коментира, бидејќи се понатаму ќе значи мешање во работата на институциите кои треба да бидат независни, објективни и огледало на државата.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски најави пауза, а седницата ќе продолжи со работа во 15 часот.