Информативниот плакат со кој се објавува почетокот на кампањата за лов на криминалците- бегалци

Во последниот квартал од 2022 година, Европол и ЕНФАСТ (Европска мрежа на активни тимови за пребарување бегалци) координирано ќе организираат и спроведат широка и интензивна оперативна акција, во која се цели (за лоцирање и лишување од слобода) на лидерите и клучните членови на организираните криминални групи. Некои од профилите на луѓе наведени во годинешната листа вклучуваат мафијашки босови што извршиле убиства и масакрирале невини луѓе, трговци со дрога, шверцери со луѓе, насилни криминалци што вршат убиства или други насилни дејства во име на криминална група, перачи на пари и лица што извршиле проневери

Европската мрежа на активни тимови за пребарување бегалци (ЕНФАСТ), поддржана од Европол, ја започна кампањата за најбарани во ЕУ за 2022 година, за да се пронајдат бегалците низ Европа што се членови на организирани криминални групи. Над педесет профили на бегалци поврзани со организирани криминални групи се поставени на веб-страницата оваа година. Сите криминалци во годинешната кампања се бараат за тешки кривични дела во Европа, како што се убиства, трговија со луѓе, оружен грабеж и тероризам, меѓу другите дела.

СЕ ПЛЕТЕ МРЕЖА ЗА ОПАСНИТЕ КРИМИНАЛЦИ

Годинешната кампања конкретно цели на лидерите и клучните членови на организираните криминални групи. Некои од профилите на луѓе наведени во актуелната листа вклучуваат мафијашки босови што извршиле убиства и масакрирале невини луѓе, трговци со дрога, шверцери со луѓе, насилни криминалци што вршат убиства или други насилни дејства во име на криминална група, перачи на пари и лица што извршиле проневери.

Слично на деловното опкружување, јадрото на криминалната мрежа е составено од менаџерски слоеви и теренски оператори. Тоа јадро е опкружено со низа актери поврзани со криминалната инфраструктура што обезбедува услуги за поддршка.
Со целење на криминалците во клучните улоги во овие мрежи, кампањата се обидува да елиминира цели организирани криминални групи.

– Воспоставивме систем во кој е многу поедноставено учеството на граѓаните на ЕУ во оваа кампања – една мала акција од ваша страна може да значи дека опасен бегалец е уапсен и обвинет, со што ги спасуваме потенцијалните жртви. Проверете ја веб-локацијата и помогнете ни да ги најдеме – истакна извршната директорка на Европол, Катрин Де Бол.

ИГРАТА Е ЗАВРШЕНА?!

Под логото „Можете да ги урнете“ и со хаштаг „Играта е завршена“, ЕНФАСТ и Европол ја спроведуваат кампањата во која бараат од граѓаните на ЕУ да ја посетат веб-страницата, да ги погледнат фотографиите на овие бегалци и да проверат дали препознаваат некого од нив.

Како дел од кампањата е предвидено откривање мурали, односно големи слики нацртани на ѕид, за да се зголеми свеста за кампањата и да се привлече поголемо медиумско внимание.

Првиот мурал беше откриен во Брисел, Белгија, на 28 септември, по повод почетокот на кампањата.

Сликите симболично ќе илустрираат куќа од карти, со што се сака да се прикаже дека отстранувањето клучна фигура во криминалната мрежа со анонимна дојава може да предизвика пад на целата организација.

Кампањата се појави и на социјалните мрежи и има повик за акција на сите јазици на ЕУ, за да се допре до што е можно поширока публика. Кампањата за најбарани криминалци во минатото доживеа значителен успех, со голем број анонимни пријави што доведоа до вистински апсења.

Веб-страницата првично беше лансирана во 2016 година, а оттогаш на веб-страницата се наведени 335 профили на бегалци. Од оваа бројка, 120 бегалци се уапсени, а 43 од тие апсења биле реализирани благодарение на тоа што фотографиите на бегалците биле објавени на веб-страницата.

Од започнувањето на минатогодишната кампања во декември 2021 година, имаше десет апсења.


Што е ЕНФАСТ

Развојната природа на прекуграничниот криминал ги поттикна националните полициски сили во земјите-членки на ЕУ да ги комбинираат силите и да ја искористат својата експертиза за да се обезбедат услови во кои ќе биде невозможно опасните криминалци да побегнат и да ја избегнат казната. ЕНФАСТ има цел да ја зголеми безбедноста во ЕУ преку успешно следење и апсење меѓународно барани криминалци што извршиле сериозни кривични дела.
Станува збор за меѓународна мрежа на полициски службеници што се достапни 24/7 и можат да преземат итни активности за лоцирање и апсење на бегалците кога е потребно.