Вкупно 28 пожари на отворено го одбележаа изминатиот ден. Најсериозно е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе. На помош се очекуваат уште шест хеликоптери и четири ер трактори, кои се дел од Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Во меѓувреме, власта вели дека добро се справува со пожарите, додека, опозицијата обвинува за колапс. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, ја оценува ситуацијата како сериозна и апелира граѓаните да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири.
Во текот на вчерашниот ден, според информациите од директорот на Цук, Ангелов, имало 28 пожари на отворено.
– Бројот значително падна, тој е преполовен. Во овој момент десет од нив се активни. Тоа значи дека 18 изгаснавме, односно неколку од нив се ставени под целосна контрола. Состојбата е сериозна бидејќи од овие десет околу половина горат во високи квалитетна шума, а најмалку два зафаќа борова шума – изјави Ангелов во вчерашното гостување на Сител телевизија.
Во врска со активираниот механизам за цивилна заштита на ЕУ, Ангелов информираше дека денеска, евентуално утре, ќе имаме шест хеликоптери и четири ер трактори. Два хеликоптери од Србија, два од Унгарија, еден од Словенија и еден од Чешка, и четири ер трактори, два од Германија и два од Шведска.
Ангелов во видео изјава вчера апелира до граѓаните да не излегуваат со непотребни апели за собирање на луѓе за да одат да помагаат во гаснењето на пожарите.
– Како држава имаме доволно припадници на Армијата и полицијата и ако тоа некаде го побараат локалните авторитети кој командуваат со гаснењето на пожарите – градоначалниците, ние можеме да испратиме онолку војска или полиција колку што тие ќе побараат. Граѓаните не секаде можат да бидат од корист, напротив, некаде можат да сметаат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, на „Национални шуми“, на пожарникарите доброволци или на самите летала. Граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како во синоќешниот случај кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево. Во гаснењето на пожарите, граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици – рече Ангелов и апелира да не се создава непотребна паника.
Тој информира дека вчера седница одржувал Управувачкиот комитет, на која донеле одлука да им предложат на Владата за ангажирање на НАТО механизмот за помош.
Според Ангелов, во моментов како најсериозни се пожарите на територијата на Старо Нагоричане, Општина Кратово, Македонски Брод и Свети Николе.
Синоќа беше локализиран и големиот пожар кој пред два дена избувна над пехчевското село Негрево. Гасењето на пожарот траеше речиси два дена, а пожарот се закануваше да го зафати и градот Пехчево.
Мицкоски: Имавме историски незапаметен број на пожари на отворено, некои се од невнимателност, некои со намера
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека има историски незапаметен број на пожари на отворено. Како што рече, некои се од невнимателност, некои со намера, и потенцираше дека има доволен кадар за справување со истите.
– Имаме доволен број на пожарникари и доволен број припадници на Армијата и на МВР за да се справиме со пожарите, иако станува збор за огнена стихија која е на својот историски пик. Само вчера имавме 66 активни пожари на отворено, 40 успеавме успешно да ги изгасиме. Имајќи ја предвид температурата која што следи, ќе продолжиме со ваквите предизвици да се бориме и во август. Не очекувам големи промени – изјави премиерот вчера по потпишување на договор за франшиза на Тиквеш инвест со хотелот Холидеј Ин во Кавадарци.
На новинарско прашање за обвинувањата на СДСМ поврзани со пожарите, напомена дека нема да коментира политичари и политички партии коишто, како што рече, имаат некрофилски намери.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пак, изјави дека државата е во многу лоша состојба околу справувањето со пожари.
– Државата во оние услови кои ги наследи од претходната власт е моментално во многу лоша состојба во однос на справувањето со пожари од аспект на технички услови, кадар, оперативно, системска поставеност, начин на брзо и соодветно реагирање, начин на откривање – истакна Тошковски.
Соопшти дека пожарите најчесто ги предизвикува човечкиот фактор и оти оперативната акција „Пожар 2024“ за справување со пожарите е веќе отворена. Информира дека во изминатиот период се пронајдени, лоцирани и лишени од слобода повеќе лица во врска со конкретни пожари.