Најнебезбеден град во светот е мексиканскиот град Тихуана

Најголемиот број опасни градови во светот според стапката на криминалитет се наоѓаат во Латинска Америка. Тоа се познати локации за кои речиси сите сонуваат да ги посетат поради природните убавини, егзотичноста, забавата… И Европа за разлика од другиот дел од светот има дваесетина града што се класифицираат во категоријата најнебезбедни градови. Се разбира, и на Балканот има градови што, за жал,
ја дополнуваат листата на најопасни и небезбедни градови во Европа, па и во светот…

Најнебезбедните градови во светот каде што владее криминал, каде што царуваат насилни улични банди, каде што се чести убиствата и кои воопшто не се сметаат за безбедни, според интернет-страницата „Статиста.ком“, се од Латинска Америка. Според анализата на интернет-страницата, најопасен, односно, најнебезбеден град во светот е мексиканскиот град Тихуана. Во овој град, минатата година, стапката на убиства изнесувала 138 на секои сто илјади жители на градот.

ЛАТИНСКА АМЕРИКА ПРЕДНИЧИ

Најголемиот број најопасни градови во светот се наоѓаат во Латинска Америка, каде што многумина сонуваат да заминат поради природните убавини што ги нуди овој континент. Само седум града од листата се надвор од овој регион.
Земја со најопасни градови во Латинска Америка, според податоците на веб-страницата, е Мексико, со дури 15 од 50, потоа Бразил со 14, Венецуела со шест, Колумбија и Хондурас со по два и Гватемала, Порторико, Ел Салвадор и Јамајка со по еден град од листата.
Највисокорангиран град надвор од Латинска Америка е Сент Луис во САД, рангиран на 14-то место, со стапка на убиства од 60,59 оваа година.
Меѓу американските градови, на листата се и Балтимор на 23-то место, потоа Детроит на 46-то место и Њу Орлеанс на последното, 50-то место.
Од другите делови на светот со најопасни градови, Јужноафриканската Република се издвојува од листата со три града – Кејп Таун, Заливот Нелсон Мандела и Дурбан.
Насилството во Латинска Америка во голема мера е предизвикано од трговија со дрога и оружје и војни со банди.
Помеѓу 2007 и 2012 година, само во Мексико имало близу 38.000 смртни случаи поврзани со дрога.
Во меѓувреме, насилството во Латинска Америка влијаеше на миграцијата од погодените области во САД.
Миграцијата од Мексико во САД се смета за најголем миграциски тек во светот, со 11,6 милиони мигранти во 2010 година.

НЕКОИ ОД НАЈОПАСНИТЕ ГРАДОВИ се и ВО ЕВРОПА

Европа за разлика од другиот дел од светот има дваесетина града што се класифицираат во категоријата најнебезбедни градови. Иако можеби не владее кај сите нив опасност од криминал поврзан со дроги, сепак има други видови криминал што ги прави овие градови небезбедни за туристите, па и за самите жители.
Меѓу попознатите европски градови се издвојуваат Милано, Глазгов, Истанбул, Одеса, Париз, Малме, Наполи, Бирмингем, Киев, Даблин, Брисел, Доњецк, Лондон и уште многу други.
Милано, на пример, е еден од културните центри на земјата и е дом на најважните музеи во светот. Освен што е познат по модата, овој град е познат и по напади за ситни кражби и ограбени туристи што завршиле без своите лични предмети.
И без војната, Киев е еден од најопасните градови во светот, поради тоа што стапката на убиства во 2010 година изнесувала 3,2 убиени на сто илјади лица. Тука како крајно небезбедни се возовите каде што криминалците на големо оперираат.
Доњецк, исто така, спаѓа во листата на најнебезбедни градови во светот, особено поради тоа што е жешка точка каде што избиваат политички протести, социјални немири и насилни протести. Освен тоа, градот важи за еден од оние градови каде што оперираат повеќе криминални организации.
Лондон, пак, е град познат по организирани криминални групи што напаѓаат со ладно оружје, најчесто нож. Според студиите, околу 30 проценти од кражбите или нападите се извршени со нож. Сличен проблем има и Бирмингем, каде што вака организирани криминални групи се богатат на сметка на посетителите.

Лос Анџелес иако не е на списокот, не е имун на сериозни инциденти кои го прават небезбеден

И БАЛКАНОТ ИМА ОПАСНИ ГРАДОВИ

И Балканот има градови што, за жал, ја дополнуваат листата за најопасни и небезбедни градови во Европа, па и во светот.
Па така, еден од најнебезбедните градови, според многубројните анализи, е Скадар. Овој град е место каде што криминалот со трговија со луѓе, изнуда и трговија со дрога е во пораст. Овој албански град има стапка на убиства од неверојатни 36 убиени на 100 илјади жители. Според анализите, во Скадар има минимум четири криминални организации што оперираат во градот.
Атина, главниот град на Грција и еден од античките градови во Европа, ја бие лош глас поради криминалните банди што функционираат тука. Има висока стапка на криминал како последица на користењето дрога.
Сараево, градот познат како Ерусалим во Европа поради неговата религиска важност, сепак има доста сериозни проблеми со џепчии и криминалци што начекуваат граѓани и ги напаѓаат ограбувајќи ги. Бројот на ограбени туристи постојано расте, трасирајќи го патот на градот кон списокот на погорните места. Тука луѓето и посетителите најчесто се жртви на крадци.
Македонија ја нема во листите за најопасни градови. Според некои други статистики, во списокот на најопасни градови се вбројува и Белград, каде што изминатите години навистина се бележи пораст на криминалните пресметки и бизнисот со дрога.

[email protected]