Секторот за внатрешни работи Скопје попладнево информираше дека целосно е расчистен случајот со четирите малолетници од кои два во бессознание беа пронајдени во куќа на 40-годишник и однесени на Клиниката за токсикологија.
Според информациите на СВР Скопје, веднаш се преземени голем број на оперативно-тактички мерки и дејствија, со цел расветлување на настанот и утврдување на точната фактичка состојба.
– Од страна на увидна екипа од ЕУМНА во присуство на јавен обвинител и доктори од ИСМК беше извршен увид, при што се подигнати повеќе материјални траги кои се предадени за вештачење – се наведува во соопштението од СВР Скопје.
Од извршените разговори со малолетните лица е констатирано дека тие во текот на вечерта во четвртокот пристигнале во куќата во која понекогаш престојувало едно од малолетните лица, а која е сопственост на Д.Ѓ. (40), кој бил во пријателска врска со роднина на малолетникот.
– Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале и при тоа се здобиле со повреди – информираат од СВР Скопје.
Д.Ѓ. е лишен од слобода и со него е извршен разговор при што тој ги потврди исказите од малолетните лица.
Против Д.Ѓ. е поднесена кривична пријава во брза постапка за кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“ по чл.217 ст.1, а во врска со кривично дело „производство и пуштање во промет средства за лекување“ предвидено и казниво по член 212 ст.1 од КЗ.
Осомничениот е изведен пред Судија на претходна постапка.