Секторот за компјутерски криминал при МВР до Основното јавно обвинителство – Скопје достави известување за настанот за кој говори Драган Павловиќ-Латас во интервју на јутуберот Стефан Лазаров, емитувано на 15 февруари, информираат за МИА од скопското ОЈО.
Оттаму посочуваат дека надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошни дејствија и проверки.
Во исто време, и МВР информира дека поднело известување до надлежното Јавно обвинителство, во врска со објавеното интервју како подкаст на Јутјуб канал.
– Имено, Известувањето е поднесено по преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, заедно со целокупниот документиран материјал за понатамошно постапување – се наведува во соопштението на МВР.
Во видеото објавено вечерта на 14 февруари и кое се емитуваше во живо, Драган Павловиќ Латас низ смеа раскажува за сексуално насилство врз жена додека бил тинејџер, додека водителот Стефан Лазаров на тоа реагира со смеење и потпрашања за експлицитните содржини.
Интервјуто предизвика лавина реакции во јавноста. Меѓудругите, реагираа Хелсиншки комитет, од каде што велат дека ваквата култура им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и се славени како „вистински мажи“ и победници. На реакцијата се надоврзаа и други невладини организации и здруженија, меѓу кои и платформата „Медуза“ и здружението „Младите на Една може“. На објавеното видео реагираше и директорка на коалиција Маргини, Ирена Цветковиќ, која искоментира дека додека Латас раскажува за случајот, јутјуберот Лазаров реагира со смеење.