Одбраната на Драги Рашковски бара јавната обвинителка Вилма Русковска да биде повикана како сведок за случајот „Софтвери“, во кој тој како поранешниот генерален секретар на Владата, заедно со уште шест лица се терети за нелегалната набавка на софтвер.
Драги Рашковски, на излегување од Судот по денешното рочиште за предметот, во изјава за медиумите рече дека со нејзиното сведочење ќе докажат како е местен судскиот процес и целокупната постапка.
– Апсолутно од самиот почеток, до самиот крај, додека беше обвинител до вчера, ќе докажеме како судскиот процес и целокупната постапка, внатре во рамките на обвинителството, е местена целокупната истрага, поднесување на обвинителниот акт и т.н. – изјави Рашковски.
Рашковски посочи, дека е крајно коректно, ако некој застанал зад некој обвинител акт и тврди дека е така, да се соочи во најмала рака со главниот обвинет, во случајот со мене.
– Да ги вкрстиме аргументите, а од друга страна да и биде предочено на сите инкриминирачки дејствија, кои што според нас таа ги има направено додека ја вршела истрагата – изјави Рашковски.
Прашан дали ова може да се протолкува и како најава за кривична пријава против Русковска, Рашковски рече „апсолутно“.
Одбраната на Рашковски на денешното рочиште, достави дополнување на предложената листа на докази, за што Судот побара пред следното рочиште да достават една ревидирана и заедничка листа на докази со оглед дека досега имаат поднесено повеќе дополнувања.
Судскиот процес за случајот „Софтвери“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.
Денешното рочиште за случајот беше одложено поради болест на еден од обвинетите.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „ Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од КЗ.