Судија на претходна постапка му одредил притвор на Габриел Бајрам, советник во Град Скопје и син на починатиот пратеник Амди Бајрам.
На Бајрам му е поднесена кривична пријава по брза постапа и му е одреден притвор откако пред неколку дена повредил шанкер и кршел инвентар во ресторанот „Аквадукт“ на булевар „Словенија“ во Скопје.
Имено, шанкерот во полициската станица Чаир пријавил дека на 28 јули во 23.20 часот бил нападнат од Г.Б. и В.Б., кои потоа оштетиле дел од инвентарот, соопшти МВР.
Пред неколку дена беше објавено дека Бајрам не се јавил на распит во полиција за копањето биткоени во ГТЦ, но се одзвал на поканата да слави со Владата во Клубот на пратеници по првата меѓувладина конференција во Брисел.
МВР објави дека по Габриел Бајрам имало и централен распис за да се спроведе во полициска станица, но засега нема одговор дали бил пронајден пред или по прославата.