Јавен обвинител од скопското обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување притвор за осомничен за двојното убиство што се случи во Стајковци во вторникот.
– Против лицето беше поведена истражна постапка откако на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци, тој со умисла ги лиши од живот својот брат и снаата. Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди – се вели во соопштението од обвинителството.
Осомничениот беше хоспитализиран, но со подобрување на неговата здравствена состојба се смета дека постои опасност да се даде во бегство, па јавниот обвинител оценува дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата. Тој затоа до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување притвор.
Истовремено СВР Скопје поднесе кривична пријава против Љ.К.(66) од скопското село Стајковци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.