Фото: Принтскрин Пожарникари Струмица Фејсбук

Синоќа дошло до повторно разгорување на пожарот на планината Беласица во близина на село Смоларе и притоа се приближил кон црквата „Свети Петар и Павле“, информираа денеска од ТППЕ Струмица.

Додаваат дека веднаш по првите повици од жителите на селото ТППЕ Струмица испратила екипа од пожарникари-спасители, кои и покрај тешко пристапниот терен успеале да дојдат до фронталната линија на пожарот и да го спречат неговото движење во тој правец.

Фото: Принтскрин Пожарникари Струмица Фејсбук

-Ширењето на овој пожар и покрај ниските температури е непредвидливо поради специфичноста на конфигурацијата на теренот и огромната количина на горлив материјал на тлото, висок слој на лисната маса која придонесува да се развиват доста високи температури и пожарот од приземен го развива кон крошните на дрвјата и како таков добива на интензитет – се наведува во информацијата од струмичките пожарникари.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потврдуваат дека пожарот е локализиран, но дека се уште има внатрешно горење на одредени места.

-Во текот на вчерашниот ден интервенирале 25 лица од ЈП „Национални шуми“ Подружница „Беласица“ – Струмица, со 4 теренски возила. Екипите се повлекле од терен во текот на вечерните часови, а останале 4 лица заради контрола. Во текот на ноќта, на терен заминала и ТППЕ Струмица со 5 пожарникари и 2 против пожарни возила. Врз пожарот се уште се дејствува согласно можностите за превенција против негово ширење до негово целосно гаснење – се наведува во утринската информација од ЦУК.

Пожарот избувна на 10 ноември во подножјето на планината Беласица меѓу селата Смолари и Мокрино, Општина Ново Село.