Фото: Принтскрин

Невозможно е четворица обвинети, кои еднаш го признаа кривичното дело, а потоа го повлекоа, досега во текот на оваа постапка да немаат ниту едно прашање да постават или да приговараат на било каков доказ. Тоа ни укажува дека во конкретниот случај можеби тие се заложници во овој кривично правен настан или дека веќе можеби преговарале за исходот на оваа постапка, а се од причина единствено првообвинетиот Љупчо Палевски да биде лицето кое го извршило ова кривично дело, изјави бранителот на Палевски, адвокатот Маријан Витановски.

Не може, рече Витановски, сведоци десет пати да бидат прашани дали Љупчо Палевски има пиштол, а никој друг од обвинетите да не бидат прашан.

– Сметавме дека некои работи што ги презема Обвинителство укажуваат на тоа дека се прави обид по било која цена обвинетиот Љупчо Палевски да се доведе во поврзаност со ова кривично дело, за коешто и веќе реков, доказите коишто се приложени кон обвинението, преку истите тие материјални докази, обвинетиот Љупчо Палевски засега не може да се доведе во поврзаност со ова дело – изјави Витановски.

Според Витановски, обвинетиот Палевски смета дека ова е најпогодниот момент, кога треба да бараат изземање од причина што јавниот обвинител ниту административно не проверил дали обвинетиот Боре Видевски има пиштол.

– При претрес на дом, значи констатирал само дека не се пронајдени предмети кои би биле поврзани со конкретното кривично дело. Значи, имајќи го во предвид фактот дека поседува ист таков пиштол, сметавме дека истрагата во една фаза е незаконска од причина што и доставената чаура која што е вештачена, не беше доставена да биде изведена како доказ – изјави Витановски.

При добивањето на дозвола во надлежните служби, Витановски појасни дека се врши испукување, и преку тоа испукување доколку бил одземен пиштолот од Боро Видевски, можело да се провери дали пронајдената чаура одговара на тој пиштол или евентуално на било кој пиштол кое некое лице го поседува со дозвола.

Обвинителката Жаклина Крстевска, во изјава за медиумите по денешното рочиште на кое беше побарано нејзино изземање од случајот, рече дека Обвинителството има преземено доволно дејствија и дека сите наводи на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо се неосновани.

Во однос на изјавата од бранителот на Палевски, дека останатите обвинети преговарале со обвинителство, Крстевска рече дека ниту еден бранител не разговарал со обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија.