Фото: pexels

Не е реткост криминалците во извршувањето на недозволените криминални дела да ја користат напредната технологија за да ги постигнат своите цели. Овој пат издвојуваме низа случаи во кои криминалци сѐ повеќе користат дронови, и тоа не само за шверц на дрога туку и да внесат недозволени предмети во затворите, како ножеви, ножици и пиштоли за затворениците. Овие беспилотни летала често се опремени со механизми што им овозможуваат да исфрлаат предмети во затворските дворови неоткриено

Криминалот и врвната технологија

Времето на шверц на дрога со магариња е историја, а приватните авиони сѐ уште се во игра. Но денес наркокартелите користат нова врвна технологија за да ја олеснат својата активност и постојано да иновираат. Транснационалните организирани криминални групи се „во тренд“ и користат неверојатно софистицирана опрема. Тие постојано ги модификуваат своите методи, форми на дејствување и алатки за работа. Осум отсто од светската трговија отпаѓа на илегалната трговија со дрога, која се проценува на 400 милијарди долари годишно, што го прави овој бизнис и тоа како црнопрофитабилен.

НАПРЕДНУВААТ ТЕХНОЛОШКИТЕ ВЕШТИНИ КАЈ ТРАНСНАЦИОНАЛНИТЕ КРИМИНАЛНИ ГРУПИ

Низ Латинска Америка овие исклучително напредни организации ја менуваат методологијата на шверцот на дрога. Милиони долари се перат со помош на криптовалути преку темни веб-трансакции и нерегулирани платформи. Употребата на биткоини неверојатно се зголемува меѓу наркобандите како што се картелот на новата генерација „Халиско“ и картелот „Синалоа“ на затворениот наркокрал Хоакин Гузман-Ел Чапо.
– И мексиканските и колумбиските транснационални организирани криминални групи ја зголемуваат употребата на виртуелната валута поради анонимноста и брзината на таквите трансакции – вели портпаролот на ДЕА, Мајкл Милер.
Друг висок функционер на ДЕА, пак, изјави дека наркокартелите во Мексико дури набавиле и високотехнолошки шпионски софтвер што може да хакира мобилни телефони.
Технологијата го олесни шверцот на дрога преку границите. Беспилотни летала користат технолошки наркокартели во Колумбија, најголемиот светски производител на кокаин, за транспорт на дрога во Панама. Наркокартелите во Мексико користат модифицирани комерцијални дронови за да ги напаѓаат непријателите и да шверцуваат дрога во САД. Дрогата е прикачена на беспилотни летала, се пренесува преку граничниот ѕид од Мексико и преку пустините за да се испорача товарот до однапред одредена локација во САД. Ова е ерата на „наркодронот“.

ШВЕРЦ НА ДРОГА ВО ЗАТВОРИ СО ПОМОШ НА ДРОНОВИ

Во 2022 година е забележано значително зголемување на употребата на беспилотни летала за шверцување дрога и други предмети во затворите низ светот. Сите докази укажуваат дека 2022-та е година на бумот на оваа незаконска активност, при што извештаите за беспилотни летала што фрлаат дрога, мобилни телефони и други забранети предмети во затворите стануваат сè почести. Беспилотните летала им олеснија на криминалците да ги заобиколат традиционалните безбедносни мерки и директно да им доставуваат дрога на затворениците. Трендот е причина за загриженост, бидејќи претставува значителен ризик за безбедноста на затворите и нивниот персонал.
Еден од најголемите предизвици во борбата против наркодроновите е тоа што опремата што ја користат е релативно евтина и лесно се добива. Криминалците можат да ја купат преку интернет или во продавници и да ја модификуваат за да носат мали пакувања дрога и други шверцувани пакети. Тоа им отежнува на властите да ги следат и пресретнуваат испораките со дронови.
– Дроновите обично се за мали испораки, многу мали количества и неколкупати неделно. Тоа е како летачка мравка, почнуваш малку по малку, но на крајот си изградил цела флота – изјави еден оперативец за магазинот „Инсајдер“.
Се чини дека шверцот на дрога со беспилотни летала е во пораст секој ден. Во 2022 година, 10.000 нелегални беспилотни летала на картелите преминаа во САД преку границата со Мексико. Технологијата напредува, а беспилотните летала стануваат поспособни според опсегот на прелет и капацитет за товар. Беспилотните летала се купуваат во САД и се модификуваат за употреба како оружје или како „мазги“ за дрога.
Затворските власти во Латинска Америка пријавија зголемена употреба на наркодронови во последниве години. Во 2020 година бразилската влада објави дека пресретнала повеќе од 200 испораки на дрога со беспилотни летала во затворите. Во Мексико, Колумбија и во Чиле властите заплениле беспилотни летала што носеле дрога и други нелегални предмети во неколку затвори. Проблем со наркодроновите има и во Северна Америка. Беспилотно летало беше искористено во 2019 година за испорака на дрога во затвор во Охајо, а друг дрон беше пронајден како носи дрога во близината на затвор во Онтарио во 2022 година. Федералната управа за воздухопловство (ФАА) пријави зголемен број на дронови во близината на затворите во САД. Властите се сомневаат дека ова е само почетокот.
– Тие се купуваат во САД, во Калифорнија или преку интернет. Тие се нормални беспилотни летала, како „мавик“ или „мавик 2“. Тие можат да летаат малку подалеку и да носат одреден товар – рече оперативецот.

ДРОНОВИ ВО БОРБА СО „НАРКОДРОНОВИТЕ“

Мексиканските наркокартели исто така сè повеќе користат „дотерани“ комерцијални дронови како дел од својот арсенал за напад на непријатели. Со помош на овие беспилотни летала, картелите можат со смртоносна прецизност да извршат целни атентати и заседи. Употребата на технологија од страна на наркокартелите ја нагласува потребата органите за спроведување на законот да продолжат да иновираат во борбата против трговијата со дрога.
Полициските агенции на Латинска Америка користат дронови за борба против наркодроновите. Тие распоредуваат беспилотни летала за следење на трговијата со дрога по должината на пограничните региони на Мексико, Колумбија и Бразил. Дополнително, беспилотните летала ги следат нелегалните активности на крајбрежјето и обезбедуваат видео и фотографии од воздух за безбедносните сили. Тоа им овозможува да го спречат криминалот во реално време.
Технологиите за откривање дронови и контрадронови постојано се развиваат и подобруваат. Употребата на контранапади, заглавување сигнал, измама и решенија за носење софистицирани сензори за откривање и ублажување на комерцијалните дронови на далечински управувач може да игра витална улога во борбата против наркодроновите. Контрадронот може да ги пресретне и да ги неутрализира беспилотните летала пред да стигнат до целите, спречувајќи навлегување на дрога и друга шверцувана стока во затворите.
Дополнително, сензорите можат да помогнат да се идентификуваат операторите на тие беспилотни летала, обезбедувајќи вредни разузнавачки информации за агенциите за спроведување на законот во нивните напори да ги следат и фатат трговците со дрога и други криминалци. Бидејќи употребата на беспилотни летала во криминални активности продолжува да расте, развојот и распоредувањето на технологијата за борбата против нив ќе бидат суштинска алатка во борбата против трговијата со дрога и другите форми на организиран криминал.