Кумулативно граѓаните во Македонија се задолжени кај банките со 113 милиони евра поради пречекорување на дозволениот лимит на платите. Ова е констатирано во последниот преглед на податоците за крајот на минатата година. Меѓу другото, за истакнување е дека за дозволениот минус, од 1 јануари годинава банките пресметуваат камата од над 14 отсто

Граѓаните задолжени кај банките за 113 милиони евра со дозволеното пречекорување на лимитот за плата

Граѓаните сѐ повеќе се задолжуваат кај банките врз основа на влегување во дозволен минус. Па така, според податоците што ги објави порталот „Банкарство“, во ноември 2023 година вкупниот долг на граѓаните кон банките само по оваа основа изнесува 6.963 милиони денари (околу 113,2 милиони евра), што од друга страна значи дека тој во последните 15 години е речиси двојно зголемен. Како што покажуваат официјалните податоци, на крајот од 2009 година негативното салдо на граѓаните по основа на тековни сметки изнесувало 3.675 милиони денари (59,7 милиони евра).
Она што може да предизвика дополнителна загриженост кај граѓаните е податокот дека за влегување во дозволениот минус, банките од 1 јануари годинава пресметуваат камата од над 14 отсто. Како што веќе претходно објавија медиумите, банките ја почнаа 2024 година со зголемена каматна стапка на дозволеното пречекорување, која расте заедно со растот на референтната каматна стапка на Народната банка за пресметување казнена камата.
Ако се анализираат бројките, може да се види дека по малото затишје во периодот на ковид-кризата во 2021 и во 2022 година, веќе во 2023 година, граѓаните се враќаат на старите навики, па и покрај растот на каматната стапка на дозволено пречекорување тие сѐ повеќе се задолжуваат кај банките по оваа основа.
Според некои анализи, ако се спореди движењето на вкупното задолжување на граѓаните поради пречекорување на дозволениот минус, ќе се види дека на таквиот чекор не влијае многу висината на каматната стапка. Влегувањето во минус се должи пред сѐ на реалните финансиски потреби. Според податоците на Народната банка, пондерираните каматни стапки на негативните салда по основа на тековни сметки на ниво на банкарски сектор во периодот од 2015 до 2018 година се движеа во стабилен распон од 11,26 отсто до 11,35 отсто. Од 2019 година започнува надолниот тренд и до мај 2022 година стигнуваат до најниското ниво од 9,28 отсто. Токму во тој период, вкупниот износ на негативното салдо на граѓаните по основа на тековни сметки многу варира и е на пониско ниво.
Затоа, пак, веќе од јули 2022 година, започна актуелниот раст на каматната стапка на дозволениот минус и во ноември 2023 година просечната каматна стапка на ниво на банкарски сектор изнесува 13,16 отсто. Сега, од 1 јануари, каматата ја мина и границата од 14 проценти.
Податоците што ги нудат банките покажуваат дека граѓаните не се воздржуваат да ги користат и другите кредитни производи. Па така, може да се забележи дека граѓаните многу повеќе им должат на банките по основа на кредитни картички. Тука вкупниот долг изнесува околу 163 милиони евра, за кои банките пресметуваат за нијанса пониски каматни стапки од 11,21 отсто. Е.Р.