Фото: Нова Македонија

По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднел Обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Узурпација на недвижности од член 225 од Кривичниот законик.

Како што информира Јавното обвинителство, обвинетиот 47-годишник, сопственик и управител на обвинетото правно лице, зазел во владение туѓа недвижност – земјиште зад Здравствен дом Скопје – Поликлиника Бит пазар.

-Земјиштето во државна сопственост, а доделено со право на користење на Здравствениот дом и предвидено како имот во општа употреба во Деталниот урбанистички план на Општина Чаир, обвинетиот го користел како импровизиран паркинг простор. Во име и за сметка на правното лице поставил рампа и пункт за наплата и ангажирал едно лице да врши наплата по цена од 50 денари за 90 минути користење, со што го ограничил и го контролирал влезот и излезот на земјиштето – соопшти ЈОРСМ.

Заедно со обвинението, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднел и посебен предлог за изрекување мерка на претпазливост – забрана за преземање определени работни активности, односно забрана да го користи предметното земјиште.