Фото: Игор Бансколиев

Државниот санитарен и здравствен инспекторат не почнал постапка за утврдување дали пациентите кои се лекувале во ковид- центарот во Тетово имале придружба оти, како што велат, за тоа има строго пропишани правила по кои постапуваат кога веќе е почната истрага за настанот.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера неколку пати повтори дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе направи надзор во изгорената модуларна болница во Тетово за да утврди дали пациентите имале придружба.

На пожарот во болницата во кој загинаа 14 пациенти, работат тројца обвинители од ОЈО Тетово и двајца од ОЈО Скопје.

– ДСЗИ како и секоја друга инспекциска служба во државава има законски пропишани правила за иницирање на инспекциска постапка, но и законски пропишани надлежности. Во врска со трагичниот настан кој се случи на 8 септември оваа година, ДСЗИ не може да утврди фактичка состојба после изминати два дена од настанот, понатаму не постои налог од министерот за здравство за вршење на вонреден надзор и последно, но и најважно, во фаза на водење на истрага од страна на Јавното обвинителство, ниту министерот ниту било кој друг орган не може да му наложи на ДСЗИ да спроведува надзор над субјект кој е предмет на кривична истрага. ДСЗИ ќе постапи и ќе ги стави на располагање сите свои стручни капацитети само врз основа на налог на Јавното обвинителство. Секоја друга активност и постапување на ДСЗИ не е дозволено согласно Законот за кривична постапка и ќе претставува попречување на истрагата која веќе ја водат надлежните органи – велат од Инспекторатот.

Секоја стручна контрола или анализа доколку биде побарана од Јавното обвинителство или судот, од инспекторатот велат дека ќе ја извршат во најкус можен рок.

Во текот на оваа година инспекторатот направил повеќе од 15 редовни и вонредни надзори на работењето на тетовскиот ковид-центар, согласно Законот за инспекциски надзор. Последната контрола била направена на 13 август годинава, а за секој од надзорите од Инспекторатот велат дека се уредно изготвени записници и друга документација.