Прилеп во шок по убиството на 14-годишниот малолетник
Прилеп е во шок по убиството на 14-годишното дете од селото Сенокос. По трагата на веста разговаравме со прилепското јавно обвинителство, ОВР-Прилеп, прилепската итна медицинска помош, а направивме и анкета меѓу граѓаните.
Граѓаните со кои разговаравме велат дека вакво убиство не паметат, односно малолетник да убие друг малолетник.
ОЈО-Прилеп: Осомниченото лице за извршеното кривично дело убиство е врсник на малолетната жртва
Истрагата за настанот сѐ уште е во тек. Сепак, од прилепското јавно обвинителство, со напомена дека се претпазливи за да не наштетат на истрагата, за нашиот медиум изјавија дека е започната темелна истрага за целиот настан, а има и осомничен извршител, малолетник, за убиството на 14-годишното дете од с. Сенокос.
Во рамките на своите надлежности, обвинителот од ОЈО-Прилеп, Стевчо Биноски, ни изјави дека интензивно се преземаат потребните законски мерки и активности за утврдување на фактичката состојба, како и за идентификување на сторителот на убиството.
– Случајни минувачи на тротоарот на булеварот Гоце Делчев во центарот на градот забележале повредено тело на дете. Веднаш повикале итна помош, која стигнала брзо на местото, го однела детето во болница, но, за жал, лекарите констатирале смрт. Според првичните информации, малолетникот бил убиен со остар предмет. Извршен е увид на две локации. Првично детето имало неколку убодни рани по грбот и рацете, но обдукцијата ќе покаже која е причината за смртта – вели обвинителот од ОЈО-Прилеп, Стевчо Биноски.
МВР: Со осомничениот малолетник е извршен службен разговор, во кој тој го признал делото и против него е поднесена кривична пријава
Од МВР-Прилеп велат дека вчера, во 4 часот, во с. Сенокос, општина Долнени, полициски службеници од ОВР-Прилеп лишиле од слобода малолетник и уште едно лице В.Т. (21), и двајцата од с. Сенокос.
– На 29.2.2024, во 19.37 часот, во ОВР-Прилеп беше пријавено дека на бул. Гоце Делчев во Прилеп било пронајдено лице со повреди, по што билo пренесено во Градската болница во Прилеп, каде што лекар констатирал смрт и било утврдено дека се работи за малолетник. Заедно со јавен обвинител е извршен увид на местото на настанот, а по судска наредба беше извршен претрес во домот на малолетникот во с. Сенокос, при што беа пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело. Со малолетникот е извршен службен разговор, во кој тој го признал делото и против него е поднесена кривична пријава – велат од МВР.
Информација и од прилепската итна медицинска помош (ИМП-Прилеп)
Од прилепската болница велат дека итната медицинска помош во Прилеп реагирала веднаш откако примила повик за лице паднато што крвави во центарот.
– Повикот беше примен преку 112. Екипата одговори на повикот и излезе на терен. На местото на настанот пациентот беше паднат, без свест, неконтактибилен, без витални параметри. Екипата интервенираше, пациентот беше ставен на носилка и беше веднаш започнато СБМО (срцево белодробно мозочно оживување). Пациентот беше транспортиран во ЈЗУ ОБ Прилеп – Оддел за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување каде што се продолжи со кардиопулмонална ресусцитација. И покрај преземените мерки за реанимација и напредно одржување во живот, пациентот не ја прифати реанимацијата и е констатирана смрт – изјави д-р Јована Присаѓанец – докторка во ИМП-Прилеп.
Некои мислења во врска со немилиот настан од
жители на Прилеп
Од анкетата со повеќе граѓани на Прилеп, како заеднички именител од искажувањата за овој настан може да се издвои дека сите длабоко сочувствуваат со семејството на малолетникот што го загуби животот. Во исто време, тие сочувствуваа и со семејството на извршителот, бидејќи со еден ваков немил настан, како што велат граѓаните, се руинираат судбините и на двете семејства засегнати во случајот. Граѓаните остро го осудуваат настанот, констатирајќи дека овие состојби се поради недоволната грижа за младите од општествената заедница и дека треба повеќе да се води грижа за младите, да се дејствува превентивно за да не посегнуваат по оружје при фрустрации и расправии. Неофицијално, во разговорите со граѓаните се презентира информацијата дека осомничениот малолетник и убиениот од порано имале недоразбирања. Наводно, и вечерта пред убиството повторно се скарале. Од почетокот на годината ова е второ убиство во Прилеп. Ка.М.