По наредба на Основното јавно обвинителство – Прилеп, полицијата истражува случај на вознемирување средношколка во средното училиште „Орде Чопела“ од страна на служител во училиштето. Според информациите, случајот бил пријавен на 14 февруари.
Јавноста во Прилеп изминативе денови е вознемирена поради веста што се прошири низ градот дека 16-годишното девојче пријавило во училиштето дека служителот ја вознемирувал и ја допирал по телото. Од училиштето велат дека веднаш постапиле според утврдената процедура и писмено ги информирале полиција и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи за да бидат преземени мерки во врска со настанот.
Од Основното јавно обвинителство велат дека чекаат комплетна информација од полицијата за сѐ што е преземено од нивна страна.
– Дадовме насоки што да обезбеди полицијата, откако бевме информирани за случајот. Очекуваме информација. Добивме известување и од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи за настан пријавен кај нив на 14 февруари и кои мерки ги преземаат – велат од прилепското обвинителство.
Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Прилеп велат дека по добиеното известување од СОУ „Орде Чопела“ дека ученичка несоодветно се однесувала за време на наставата, по завршувањето на наставата била испратена покана до родителите на детето да се јават во ЈУ МЦСР-Прилеп.
– На првата покана не се јавиле, по што била испратена и втора покана и по неа е постапено од страна на родителите и детето во присуство на таткото е сослушано од страна на стручен тим при ЈУ МЦСР-Прилеп. Од разговорот со детето и родителот, стручниот тим при центарот дошол до сознание дека детето на почетокот на февруари било жртва на сексуално вознемирување. По добивањето на ваквите информации писмено се известени МВР-Прилеп и ОЈО-Прилеп. Од страна на стручен тим при ЈУ МЦСР-Прилеп се преземаат мерки за помош и заштита и психосоцијална помош и поддршка, сѐ со цел јакнење на емоционалната стабилност и состојба во понатамошниот развој на детето. Особено имајќи предвид дека самата медиумска експонираност на предметот може да доведе и до секундарна виктимизација на детето, на што особено треба да се внимава. Напоредно се работи и со родителите на детето, сѐ со цел јакнење на нивните родителски капацитети – велат во писмено соопштение од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Прилеп.
Овој непријатен случај стана главна тема на разговори во прилепската чаршија, но предизвика и огромно внимание на социјалните мрежи, при што се плетат разни приказни и не стивнуваат реакциите.
Инаку, дознаваме дека служителот на работа во училиштето бил под договор. На потег сега се институциите за да расветлат што се случувало и да се преземат соодветни мерки. Ка.М.