Фото: Пиксабеј

Проблемот со врсничкото насилство, познато како булинг, и тормозење кај децата и младите е општоприсутно. Вербалната или физичката злоупотреба што трае подолго време може да остави длабоки емоционални последици врз здравјето на детето, но и да доведе до сериозни повреди, пишува порталот Кидс хелт.

Дури и ако насилството не е проблем во мигов, важно е да разговарате за тоа, за децата да бидат подготвени ако им се случи такво нешто некогаш на училиште или на друго место без родителот да биде во близина.

Скоро и да нема дете кое одредено време не се задева со брат, сестра или другарче. И, ова обично не е штетно, сѐ дури тоа е игра и пријателско „кошкање“. Но, кога задевањето повредува, понижува, боли и станува постојано, тоа веќе преоѓа во злоупотреба и мора да престане. Злоупотребата е намерна тортура на физички, вербален или психички начин. Може да вклучува удирање, туркање, навредување, закани и исмевање до изнудување пари и предмети. Некои деца напаѓаат и со тоа што ја избегнуваат „жртвата“, а потоа шират гласини и намерни лаги за нив. А пак, други го користат интернетот и електронските пораки за да ги исмеваат врсниците и да ги повредат нивните чувства.

Важно е сѐ тоа сериозно да се сфати, а не само да се отфрли како нешто што децата треба „да го издржат“. Последиците се сериозни и влијаат на чувството за безбедност, самостојност и на самоувереноста на детето. Во потешки случаи, злоупотребата може да доведе и до нечија смрт.

Што може да направат родителите? Ако откриете дека детето е жртва на врсничко насилство, пред сѐ, ислушајте го смирено и понудете утеха и поддршка.

Децата честопати неволно зборуваат со возрасните за злоупотреба затоа што се чувствуваат засрамено од тоа или мислат дека родителите ќе бидат разочарани, вознемирени, лути или ќе одговорат на неочекуван начин. Понекогаш децата чувствуваат и виновни за тоа што им се случило, и многу често се плашат дека состојбата ќе биде уште полоша ако силеџија дознае дека жртвата се пожалила на родителот или наставникот.

Сепак, како родител, должноста е да разговарате со детето. Пофалете го детето за храброста и потсетете го дека тоа не е само – многу луѓе во одреден миг се тормозени. Објаснете му дека насилникот е оној што се однесува лошо, дека тој е оној што треба да се срами, а не жртвата.

За некои родители, можеби е примамливо да му се каже на пониженото дете да возврати, „онака како што тоа се решавало некогаш“. Но, важно е детето да не враќа со насилство.

Реципроцитетот може брзо да прерасне во посериозно насилство и посериозни повреди. Наместо тоа, еве неколку други начини: Избегнување и игнорирање на насилникот, смирено управување со гневот или фрустрацијата, што покоро доверување на возрасен (разговор со наставник, родител или психолог).

Според психолозите, сѐ тоа придонесува за зајакнувањето на самоувереноста на детето. Самоуверена личност донекаде и природно ги одбива насилниците и судирите со нив.