Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во криминалистичката истрага за сузбивање на улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана, која од декември 2023 се спроведуваше по насоки од Основното јавно обвинителство Скопје, од слобода се лишени 28 лица, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Лицата се уапсени на 31 мај и 1 јуни во голема заедничка акција на Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и специјалците од единицата Тигар на подрачјето на Скопје.

-Во акцијата за сузбивање на улично дилерство на дрога изминатата ноќ лишени се од слобода В.Г.(46), М.В.(22) и С.Б.(21), кај кои бил пронајден кокаин, Д.Т.(24) од Кочани, како и С.В.(28) од Скопје, кај кои при претрес биле пронајдени поголеми суми пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од продажба на наркотична дрога – неведуваат од МВР.

Покрај ова, како што дополнуваат, извршени се претреси на седум локации во Скопје, при што кај Ѓ.Ш.(41) од Скопје биле пронајдени марихуана, вага и други предмети поврзани со кривичното дело, кај А.П.(29) пронајден е куршум и запалка за бомба, кај Б.П.(34) се пронајдени остатоци од кокаин и други предмети поврзани со кривичното дело. Според МВР, од слобода се лишени и А.Б.Ј., поради сомнение за уништување докази, како и М.Д.(37) од Скопје, кај кого бил пронајден кокаин.
Поголема сума пари, марихуана, лични карти и пасоши на повеќе лица оставани како залог за купопродажба на дрога, полицијата пронашла при претрес кај Ф.Д.(41) од Скопје, а при обид за негово лишување од слобода, тој не застанал и оштетил три службени возила. Полицијата трага по него.

Во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против седум лица.