Фото: Игор Бансколиев

Статистиката вели дека секоја година се сечат и до 15 милијарди дрвја низ целиот свет. Тоа е ненадоместлива штета за флората, фауната, човекот, за нашата планета, а и за климата и климатските промени

КРАЖБАТА НА ДРВА ВНОСЕН ЦРН БИЗНИС ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ

Потребни се неколку секунди за да изговорите „обесшумување“, а во истиот тој временски период некаде на нашата планета се уништува уште едно парче шума со големина на фудбалски терен. И тоа е така на секои две секунди, секојдневно, со години.
Според анализите на светските еколошки организации, денес на Земјата има само половина од дрвјата што постоеле пред да настане човекот и да ја узурпира и силува планетата. За жал, последните неколку века се најсмртоносни за шумите. И Македонија будно го следи тој тренд, поточно македонските дрвокрадци, кои немилосрдно нанесуваат штета, и тоа не само на природата и на екосистемите, туку и нам, на граѓаните. Сето тоа заради профит.

ГОДИШНО СЕ СЕЧАТ И ДО 15 МИЛИЈАРДИ ДРВЈА НИЗ СВЕТОТ

Статистиката вели дека секоја година се сечат и до 15 милијарди дрвја низ целиот свет. Тоа е ненадоместлива штета за флората, фауната, човекот, за нашата планета, а и за климата и климатските промени.
Освен фактот што шумите се извонредно дело на природата, тие се од витално значење за здравјето на нашата планета. Шумите имаат огромно влијание врз моделите на врнежи, врз квалитетот на водата и почвата, но и во превенцијата од поплави. За ова последново добро посведочивме пред неколку години, кога стравотното невреме направи пустош во Синѓелиќ, Стајковци и околните населени места.
Уште една доста важна причина зошто шумските подрачја се од витално значење е фактот што нивното уништување е причина за околу десет проценти од глобалното затоплување. Нема начин да им се спротивставиме на климатските промени ако не го запреме уништувањето на шумите. Секое лето сите коментираме дека е претопло и дека 45, па и 50 степени никогаш немало во Скопје и Македонија. Сега метеоролозите најавуваат вчудовидувачки информации, дека ова лето, кое полека изминува, било најтоплото што сме го доживеале. Идната година ќе биде уште потопло, и така од година на година. Е па, тоа се тие климатски промени за кои слушаме секојдневно, но мудро си ги премолчуваме и чекаме да се случи чудо што ќе нѐ спаси од летните горештини.
Дрвјата апсорбираат и складираат јаглерод диоксид. Ако шумите се расчистат, па дури и се нарушуваат, тие ослободуваат јаглерод диоксид и други стакленички гасови. Значи, и тоа како ни се потребни дрвја за воопшто да можеме да живееме на ова парче земја.

ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА УАПСЕНИ ПОВЕЌЕ ДРВОКРАДЦИ

Силен е впечатокот дека дрвокардството станува вносен црн бизнис за поединци, па и за групи криминалци, бидејќи сѐ поголема е бројката на акции на МВР против овој вид криминал.
На самиот праг на грејната сезона дрвокрадците веќе масовно работат за да можат да пласираат на пазарот.
За само неколку дена, во земјава беа уапсени четири лица за дрвокрадство.
Двајца на возраст од 39 и 42 години во атарот на селото Леарце, Тетовско, биле уапсени поради сомнение дека вршеле превоз на бесправно исечени огревни дрва со две возила, без регистарски таблички.
– Кај двете лица биле пронајдени и одземени исечените огревни дрва и алатот со кој ја вршеле сечата, кои ѝ се предадени на Шумската полиција за понатамошна постапка. По целосното документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава – велат од МВР.
Во вториот случај, пак, на магистралниот пат Ресен – Прилеп, на местото Тунелот во Битола, полицијата уапси две лица што имале престој во Битола.
Како што информираа од полицијата, тие биле затекнати во возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Е.Ј. (21), а совозач бил А.А., а кое било натоварено со огревно дрво без жиг и испратница.
Лицата биле задржани во полициска станица, а дрвата ѝ биле предадени на шумска полиција за понатамошна постапка.

ЗА ПЕТ ГОДИНИ ИЛЕГАЛНО ИСЕЧЕНИ РЕЧИСИ 65 ИЛЈАДИ КУБНИ МЕТРИ ДРВНА МАСА

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, за период од пет години, односно од 2016 до 2021 година биле поднесени вкупно 1.044 кривични пријави за дрвокрадство, а биле регистрирани 1.565 сторители. Реализирани се 1.434 кривични дела, а најшокантно е тоа што се исечени 64.023 кубни метри дрвна маса. Материјалната штета што ѝ е причинета на државата е уште покатастрофална, таа изнесува близу 170 милиони денари или, поточно, 168.690.068 денари.
По сектори, најмногу дрва се исечени во Струмичко, каде што биле исечени дури 24.855 кубни метри дрвја. Куманово е второ на листата, со 10.611 кубни метри, а веднаш по него е Битола со 7.524 кубни метри дрвја. Најмалку дрвна маса е исечена во Велес, 261 кубен метар.
Најголем број кривични пријави, сторители и кривични дела се евидентирани во главниот град. Во Скопје се регистрирани 202 кривични пријави, 276 сторители и 267 кривични дела, додека 1.561 кубен метар дрвна маса биле исечени во Скопскиот Регион.