Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово извести дека вчера имало 33 пожари на отворен простор, од коишто беа активни уште пет. Од тие активни пожари е изгаснат еден шумски што можеше да зафати поголема површина со квалитетна шума. Конкретно, утрово, е целосно изгаснат пожарот во атарот на с. Бигла, во Општина Делчево, од страна на екипи на ЈП „Национални Шуми“ – подружница „Голак“ од Делчево. Согласно развојот на настаните за конкретниот шумски пожар, тој започнал во 00,30 часот – по полноќ, при што во почетокот горела ниска вегетација, мешана шума, а потоа и борова шума. Инаку, според првите податоци била опожарена површина со борова шума од околу 10 декари. Се надеваме дека денешниот неделен ден нема да биде „огнена недела“ како што е денот недела во изминативе неколку последни викенди – со голема бројка пожари во земјава. Инаку, во насока за спречување на пожарите и навремено реагирање на субјектите од Системот а управување со кризи, ЦУК апелира до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено и ако забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот бесплатен број 112 – единствениот број за итни случаи во ЦУК. Истовремено е неминовно да се посочи дека за зголемувањето на јавната свест во општеството за превенција од пожари и реакција за нивно гаснење се евидентни големата улога и придонес на медиумите, што оваа тема, речиси секојдневно, ја актуелизираат во рамки на зголемување на безбедноста на граѓаните, а и за заштита и чување на природните и на материјалните добра во земјава.