Фото: Принтскрин/Ен-би-си њуз“

Претседателот на Комисијата на Африканска унија (АУ), Муса Факи Махамат синоќа повика на прекин на судирите помеѓу Израел и палестинското движење Хамас, во кои загинаа стотици луѓе.

Махамат ги повика двете страни „да се вратат без предуслови на преговарачката маса за да се имплементира принципот на коегзистирање на две држави“.

Тој, исто така, упати апел до меѓународната заедница и големите светски сили да преземат одговорност и да го спроведуваат мирот гарантирајќи ги правата на двата народа.

Хамас вчераутро изврши ненадеен напад врз Израел и истрела илјадници ракети врз еврејската држава од Појасот Газа, која е под контрола на исламистичкото движење. Стотици борци на Хамас се инфилтрираа на израелска територија, каде што земаа цивили и војници како заложници.

Израелските вооружени сили извршија одмазднички воздушни напади врз Појасот Газа. Продолжуваат и копнените борби меѓу израелските сили и борците на Хамас, кои се инфилтрираа на израелска територија.