Во тек е операција на Бојан Јовановски – Боки 13 во болницата „Свети Наум Охридски“ – Скопје, објави „Макфакс“. Тој утринава бил однесен во операциона сала, каде треба да му биде извршен оперативниот зафат. Адвокатот Владимир Туфегџиќ, полномошник на Јовановски за дел од медиумите ја потврдува информацијата и посочува дека станува збор за сложена интервенција која е ризична и животозагрозувачка.
– По завршување на сите медицински испитувања, денеска во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје, се извршува хируршка интервенција врз Бојан Јовановски од страна на тим од повеќе специјалисти – хирурзи. Станува збор за исклучително сложена хируршка интервенција која е високоризична и животозагрозувачка, на чии последици повеќе пати навремено писмено укажуваа лекарите специјалисти од областа – вели Туфегџиќ за „Макфакс“.
Прашан за тоа каков исход се очекува, но и колку ќе трае операцијата, адвокатот посочува дека „поради комплексноста, карактерот и сериозноста на севкупната состојба, во овој момент не можат да споделат повеќе информации“.
Јовановски беше хоспитализиран во болницата „Свети Наум Охридски“ на 17 март. Тој издржува казна затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари во случајот „Рекет“.