фото: Илустрација

Српската полиција во соработка со „Европол“ заплени 1.534 парчиња пиштоли и пушки, кои од Турција биле увезувани во земјите од Европската Унија и потоа препродавани на црниот пазар.
Како што соопштија од „Европол“, запленетите пиштоли и пушки се користат за пукање со боја, или познато како „пеинтбол“, меѓутоа криминалците сѐ почесто се одлучуваат за овој вид оружје, затоа што многу лесно може да се пренамени за испукување боева муниција.
– Операцијата е позната под името „Конверсус“, а ја предводеше романската полиција во рамките на Европската мултидисциплинарна платформа против криминалистичките закани. Акцијата ја координираше „Европол“, помеѓу 13 и 17 декември 2021 година – информираа од Европол.
Како што понатаму објаснуваат оттаму, оружјето се купува по ниска цена на легалниот пазар, пред илегално да се продаде во други земји, каде што е потребна контрола на набавката, увозот и поседувањето такво оружје, односно каде што легалното купување вакво оружје мора да помине низ низа законски проверки и процедури, а токму тоа е причината поради која се препродава илегално, а потоа се преправа во оружје за боева муниција.