Единаесет пожари на отворено се евидентирани изминатото деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пожарникарите се справиле со сите, па така, утрово нема активни пожари.
– Една третина од вчерашните биле на повик на гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шират и на поголем простор во околината. ЦУК упатува апел до граѓаните да не се палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и кога е сѐ посува вегетацијата во природата – стои во денешното соопштение.
Според известување добиено од РЦУК – Штип, околу 13 часот во кругот на фабриката за акумулатори во Пробиштип, при косење трева, пронајдена е стара рачна бомба.
– За итниот, потенцијално опасен случај, известени се пробиштипската полициска станица и ДЗС – Пробиштип. Од страна на овластено лице од ДЗС, бомбата е успешно и безбедно отстранета во 15.30 часот. ЦУК упатува превентивна препорака до граѓаните – доколку најдат неексплодирани убојни средства, да не ги фаќаат и да не ги поместуваат. Да ги пријават на 112 во ЦУК, а потоа од надлежните, тие ќе бидат неутрализирани на лице место, или ќе бидат безбедно отстранети, соодветно, според процена на професионалци – се додава во соопштението.
Вкупно 2.230 повици биле регистрирани на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК, изминатото деноноќие. Како реални повици, категоризирани биле 62,87 проценти.
– Кон полицијата биле упатени 57,85 проценти, кон Итната медицинска помош – 28,01 отсто, a кон пожарникарите – 6,29 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК – се појаснува во соопштението.