Десетина полициски службеници се уапсени претпладнево во големата полициска акција која е во тек, поради сомневање дека биле дел од синџир за фалсификување на патни исправи и лични документи, потрдиле од МВР за МИА.

Полицијата дејствува во координација со Канцеларијата за истраги на американската амбасада и Интерпол по истрагата и документирање на дејствувањето на криминалната група кои траат повеќе од една година.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со соопштение во кое наведе дека премиерот Зоран Заев и министерот за внатешни работи Оливер Спасовски овозможиле балкански нарко-босови да се стекнат со македонски пасоши и документи. Во соопштението се тврдеше дека полициската апаратура издала патни исправи со лажен идентите за водачот на озлогласениот Шкаљарски клан за трговија со дрога, Јован Вукотиќ и водачот на турската мафија Седат Пекер, во таканаречената афера „Мафија“.

Се очекува МВР да излезе со детали за акцијата по нејзиното завршување.