Пребрзото возење и возењето под дејство на алкохол се главни причини за сообраќајни незгоди / Фото: Игор Бансколиев

Според МВР, вкупниот број на сообраќајни незгоди во 2020 година во однос на 2019 година бележи опаѓачки тренд за 12,4 отсто. На патиштата низ државата, во текот на 2020 година се случиле вкупно 7.215 сообраќајни незгоди. Од нив, 3.519 се незгоди со материјална штета, а другите 3.696 се незгоди со повредени лица. Потоа, 115 се незгоди со загинати лица, односно за 5,3 отсто е намален бројот на загинатите лица во однос на 2019 година

МВР евидентира намален број сообраќајни незгоди минатата година

Новите услови на живот што ни ги наметна пандемијата, всушност, на некој начин влијаеја да се намали фреквенцијата на луѓе, односно на сообраќај по улиците. Принудните состојби, работа од дома, потоа викенд и продолжени празнични карантини, полициски часови, нефункционирање на рестораните, кафулињата и други дејности, предизвикаа значително помала потреба од патување и ги натераа луѓето поголемиот дел од времето да го поминуваат во своите домови. Тоа, пак, резултира со намален сообраќаен метеж и помали автомобилски колони по сообраќајниците. Но сепак пребрзото возење со над дозволената брзина, како по отворените патишта така и по пофреквентните улици по градовите, и натаму е потенцијална и меѓу првите причини за сообраќајни незгоди, а тоа го потврдуваат и сообраќајните експерти. А сообраќајните незгоди речиси постојано се дел од полициските билтени, во кои често исходот е тешко повредени и, за жал, починати лица. Сообраќајните незгоди во изминатата година биле во многу помал број, и тоа токму поради намалениот број учесници во сообраќајот. Тоа го потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи. Според нивната евиденција, вкупниот број на сообраќајни незгоди во 2020 година во однос на 2019 година бележи опаѓачки тренд за 12,4 отсто, а сообраќајните незгоди со потешки последици во најголем дел се случиле во Скопје.

– На патиштата низ државата, во текот на 2020 година се случиле вкупно 7.215 сообраќајни незгоди. Од нив, 3.519 се незгоди со материјална штета, а другите 3.696 се незгоди со повредени лица. Потоа, 115 се незгоди со загинати лица, односно за 5,3 отсто е намален бројот на загинатите лица во однос на 2019 година. Според евиденцијата, 705 се незгоди со тешки телесни повреди, а 2.876 се незгоди со телесни повреди. Статистичките податоци укажуваат дека сообраќајните незгоди со потешки последици, во најголем дел, се случуваат на подрачје на СВР Скопје – 1.571, но и на подрачјето на СВР Тетово – 398, како и СВР Битола – 369 незгоди. Најмал број незгоди се случиле на подрачјата на СВР Куманово – 249 и СВР Велес – 244 незгоди. Најчеста причина за незгодите е пречекорување на дозволената брзина – информираат од МВР.
Сообраќајните експерти, пак, констатираат дека најчеста причина за сообраќајни незгоди кај младите возачи се исто така прекумерната брзина и возењето под дејство на алкохол.
– Кога зборуваме за најчестите причини што доведуваат до сообраќајни незгоди, несомнено е дека брзината на движење на учесниците во сообраќајот и управувањето под дејство на алкохол се наметнуваат како едни од круцијалните фактори што најмногу придонесуваат за случување на сообраќајни незгоди. Движењето со недозволена брзина и под дејство на алкохол, за жал, е најзастапено кај младите возачи, на возраст до 25 години. Ризикот за учество во сообраќајни незгоди во зависност од возраста на учесниците има облик на буквата U. Имено, младите возачи (до 25 години) и старите (над 65 години) имаат зголемен ризик за учество во сообраќајни незгоди. Ризикот за учество во сообраќајни незгоди кај младите возачи на возраст до 25 години е за околу три-четири пати поголем во однос на преостанатите. Активното возачко искуство влијае битно на ризикот за учество во сообраќајни незгоди. Основа за ризик кај младите возачи претставуваат нивното неискуство, склоност кон ризично однесување и почетнички грешки.

Младите возачи не се доволно запознаени со ризиците во сообраќајот и за тоа колкава, всушност, потенцијална опасност на патот се во текот на првите години од возачкиот стаж. Според научните согледувања, над 50 отсто од сите возачи учесници во сообраќајни незгоди се млади возачи (со помалку од пет години возачко искуство). Најголем дел млади возачи не го почитуваат ограничувањето на брзината на движење, управуваат под дејство на алкохол, не користат системи за пасивна безбедност и, покрај нивното скромно возачко, искуство разговараат на мобилен телефон и слично, објаснува професор д-р Зоран Јошевски од Tехничкиот факултет во Битола.
Неговиот колега, професор д-р Никола Крстаноски вели дека сообраќајната култура и почитувањето на сообраќајните правила и прописи се важен сегмент во сообраќајот за намалување на незгодите.
– Она што се забележува во сообраќајот е масовното непочитување на сообраќајните прописи, особено тоа го гледам во Скопје, но и во другите градови во земјава. Се вози со брзина од 70 километри на час, се престројува од една на друга лента, не се почитуваат сообраќајните знаци… Од сто проверени возачи во редовните сообраќајни контроли, десетмина седнале зад волан без возачка дозвола. Основен принцип за да функционира сѐ како што треба е да се почитуваат сообраќајните правила и прописи – дециден е професор д-р Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола.
Тешка сообраќајна незгода во вторникот се случи на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар. Возач на патнички автомобил го загуби животот, додека три лица што биле сопатници во возилото со тешки повреди беа пренесени на скопските клиники. Според информациите од СВР Тетово, сообраќајната незгода се случила околу 16 часот, на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар.

Во близината на Ростушки мост се судриле патничко моторно возило „хјундаи акцент“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал шеесет и осумгодишен скопјанец, и товарно возило со српски ознаки, кое го управувал педесет и двегодишен жител од градот Панчево, Република Србија. Од првичните информации на полицијата, во незгодата возачот на патничкото возило починал на самото место, а тројца сопатници, на возраст од 26, 30 и 34 години, беа пренесени во Скопје за укажување лекарска помош.


Постојат повеќе аспекти на одговорност

Според професор д-р Зоран Јошевски, бројот на сообраќајни незгоди со фатални последици и сериозни повреди во Македонија е значително поголем, а граѓаните се изложени на поголем ризик отколку во поголемиот дел од западноевропските земји.
– Сепак, безбедноста на патиштата во нашата земја не е невозможна мисија. Суштината на проблемот со безбедноста во сообраќајот е во тоа што постојат релативно многу единечни аспекти на одговорност, а од друга страна само мал број заеднички напори за сеопфатно разгледување на природата на сообраќајниот систем. Човекот е единствениот што не може да биде редизајниран во системот возило-човек-пат-околина. Основен причинител за настанување на големиот број сообраќајни незгоди е човекот како субјективен фактор.

Човекот како учесник во сообраќајот може да настрада поради опасните, неправилни, непрописни и неодговорни однесувања на другите учесници во сообраќајот, но и поради сопствени грешки. Со други зборови, човекот како учесник во сообраќајот од една страна може да биде директен причинител за настанување на сообраќајна незгода, а од друга страна може да биде и директна жртва од сообраќајна незгода – смета професорот Јошевски.
Според него, социоекономските фактори исто така имаат влијание на однесувањето на учесниците во сообраќајот, а со тоа и на безбедноста на патниот сообраќај, што треба да се разгледа од страна на експерти од оваа област.