Кире Андреевски – Кирца автомобилистички судија и директор на трката во Пробиштип, вчера го загуби животот по инцидентот во кој автомобил „хонда“ во финишот излетал од патеката и удрил во членот на Автомобилистичката федерација на Македонија.

Полицијата информираше дека вчера околу 13.20 часот на авто трката која се одржуваше на регионалниот пат Пробиштип – Кратово, кај место викано „Жгури“, возилото „хонда сивик“, без регистарски ознаки, управувано од А.К.(43) од Скопје – учесник на трката, удрило во Андреевски (62) од Скопје, кој бил техничко лице на трката. Тој се здобил со повреди и бил пренесен во Општа болница Пробиштип.

Поради сериозноста на повредите од таму бил препратен во Медицински центар Штип, но по патот починал. Увид извршиле екипа од СВР Штип и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

Поради трагичниот инцидент на патеката, беше прекината ридско-брзинската трка, која беше прва од официјалниот календар на шампионатот на Македонија во автомобилизам.