Главната расправа за предметот „Тревник“ се оддржа денеска во Kривичниот суд, во кој обвинети се новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите двајца браќа, за бесправно градење викендички во Зелениково.

Елизабета Јосифовска, oбвинителката од СЈО, рече дека од материјалните докази, исказите на сведоците и бомбите, ќе докажат дека обвинетите граделе бесправно.

Латас рече дека го разбира обвинението, но додаде дека не се чувствува виновен. Истото го рекоа и двајцата негови браќа Звездан и Срѓан.

-Обвинетите во 2011 година почнале градба на објект за домување без да добијат правосилно одобрение за градба- рече обвинителката Јосифовска.

Обвинителката рече дека Латас изградил викендичка со вкупна квадратура од 317 квадратни метри, а неговите двајца браќа, со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри, без притоа да имаат одобрение за градба, а наедно го прикриле фактот дека градбата е во напредна фаза.

-Ќе го убедиме овој суд дека доказите на СЈО се спротивни на законот. Обвинетите не нарушиле ниеден закон- рече адвокатката Савиќ, која смета дека ќе го убеди судот дека Латас не сторил кривично дело.

Рочиштето претходно неколку пати беше одложувано поради отсуства на Латас.