Еден од шесттемина ЛБГТИ активисти кои вчера беа нападнати на Матка, а потоа во Сарај, вели дека група од 15 до 20 лица учествувале во инцидентот. Беким Асани од Тетово тврди дека насилниците им се заканувале дека ќе ги убијат, а еден од нив му удрил и бокс.
– Откако почнаа да ни префрлаат, ние заминавме со такси. Но, пет лица нè следеа и ми се нафрлаа мене. Еден од нив ме плукна. Постојано викаа „ќе те убиеме, мртов си“, а на другарките им викаа „вас ќе ве силуваме“. Една кола нè следеше напред, една странично. Таа од напред два пати ни го пресече патот, па таксистот ја зголеми брзината. Но во Сарај имаше гужва, па откако трет пат ни го пресекоа патот, едниот излезе од колата, дојде и ја отвори врата од таксито, по што ми ја искина маицата, која не беше од „Скопје прајд“. Потоа ми удри бокс. По кратко време, се собраа и други лица и ни ја опколија колата, викајќи „педери мрш од тука, ќе умрете“, опишува Асани на социјалните мрежи.
Според активистот, тие имале среќа бидејќи во кафулето близу местото каде се случил инцидентот имало тројца полицајци кои изреагирале, но и тие биле нападнати.
– Фалеа секунди да завршиме многу полошо. Никој од нас немаше ЛГБТИ обележја. Тие ме препознаа мене. Сите сме шокирани, сè беше како на филм, ова нема да го заборавиме цел живот – додава Аасани.
Министерството за внатрешни работи го документираше случајот, а утрово е приведено едно лице.
– Околу 16:00 часот на Кањон Матка, Б.И. (32), З.Л. (31) и К.Џ.(31) сите од Тирана-Албанија, И.А. (21) и Х.Л.(32) двете од Босна и Херцеговина и А.Б. (36) од Тетово биле пресретнати од група од околу 6-7 лица и навредувани зашто биле припадници на ЛГБТИ заедницата. За да избегнат проблем, се качиле во такси возило и се упатиле кон Сарај. По нив тргнало „ауди“ со кое кога пристигнале во близина на плоштад Иса Булетини во Сарај им бил попречен патот и такси возилото принудно запрело. Тогаш од „aудито“ излегол возачот и започнал да го навредува и да упатува закани насочени конкретно кон А.Б. и во еден момент физички го нападнал – велат од МВР.