Фото: Макфакс

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) добила редактирана верзија од Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10д. Ова го изјави вицепремиерот Артан Груби откако денеска членовите на ДКСК се пожалија дека сè уште не го добиле целиот договор за да можат да работат на предметот кој што го отворија по допрен глас.

Груби на денешниот настан по повод почнување со геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар изјави дека Антикорупциска нема да го добие целосниот договор.

-Согласно договорот што е потпишан, има клаузула за доверливост. За да се достави до медиумите, Собранието и до ДКСК или која било друга институција, освен Јавното обвинителство, мора да има согласност од двете страни, односно од Владата и од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Тие ни доставија редактирана верзија којашто е доставена до ДКСК за разгледување. Целосната верзија од договороте доставена само со Јавното обвинителство – изјави Груби.

ДКСК отвори предмет за проектот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д за којшто е потпишан Договор со „Бехтел и Енка“ по објавите во медиумите околу постапката на изборот на фирмите за надзор, а предмет по допрен глас отвори и Јавното обвинителство.

Опозицијата и понатаму бара договорот да биде јавно објавен а во Собранието не е одредена Комисијата на која ќе се разгледува договорот односно на која преставаници на Владата ќе презентираат на што се обврзала Владата, а на што Конзорциумот.

Инаку, како и пред околу еден месец денеска првиот вицепремиер Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Државни патишта“ Ејуп Рустеми повторно го означија почеток на градбата на Коридорот 8. Во близина на наплатната рампа на автопатот од Тетово кон Гостивар, една машина за испитување на составот на земјиштето и неколку работници од „Бехтел и Енка“ го претставуваа почетокот на градбата на оваа сообраќајница.

Груби смета дека изгласаните закони кои се поврзани за изградбата на Коридорот 8 нема да паднат на Уставен суд, па дури и не гледа причина зошто некој би покренал иницијатива до Уставниот суд за ова.

-Нема да паднат на Уставен суд и не верувам дека ќе паднат и не гледам зошто би имало иницијатива до Уставен, зашто никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часови. Се искоординира целата правна служба во Владата, со Законодавно-правната комисија, со сите експерти од Владата и министерствата, така што апсолутно нема никаква причина ниту да се оспори ниту да се разгледува од Уставниот суд – изјави Груби.