Фото: Министерство за економија

Цената која ја нуди ЕСМ кон ЕВН Хоум се разгледува на затворена седница на Владата. Откако ќе имаме барање од страна на ЕСМ ќе бидете известени навремено, но тоа ќе биде согласно интересите на граѓаните и на државата во целина и заштита на животниот стандард во нашата држава, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Но, како што рече, од страна на ЕСМ уште не е доставена информација до Владата за таа да утврди цена со која ЕСМ ќе учествува во тендерот кој ќе биде објавен од страна на ЕВН Хоум.

Според Бектеши, најверојатно нема да се прифати барањето на енергетските компании за зголемување на цената за 13 отсто.

-Бислимовски не верувам дека кажал таква изјава. И тоа што го слушнав јас, бидејќи знам колку е професионалец Бислимовски, повеќето од вас тука следите економија речиси со години и многу добро ги знаете процедурите. Претходната година енергетските компании бараа зголемување, ако се сеќавате, на 78 отсто, па надминаа некои компании и над 100 отсто. Не е важно колку бараат тие. Важно е колку ќе се одобри од страна на РКЕ и која ќе биде цената која ќе ја утврди Владата на ЕСМ која ќе го даде кон универзалниот снабудвач, во овој случај на ЕВН која цена важи за домаќинства и за мали потрошувачи, што значи дека 13 отсто зголемување кое е барање од страна на енергетските компании нема да се прифати најверојатно. Јас можам да кажам дека нема да се прифати цената што би можела да ја бара ЕСМ бидејќи секако дека ЕСМ ќе бара цена, а работа на РКЕ е да направи анализи и калкулации за барањето од страна на МЕПСО и Електродистрибуција – истакна Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста”.