Интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ и СТП „Капитал партнерс холдингс“ – Скопје, компанијата која ќе го гради Технолошкиот парк Скопје (СТП) заедно со филмските студија на Џон Малкович, ќе потпишат меморандум за меѓусебна соработка. Аудиовизуелните и сценските уметности, низ призмата на современите дигитални технологии, кои се предмет на изучување на „Еуропа прима“, со овој меморандум ќе добијат меѓународна афирмација преку партнерства со светски реномирани универзитети, во рамките на Едукативниот центар на СТП.
– Академскиот центар, заедно со останатите содржини на СТП, ќе започне со реализација веднаш по доделувањето на статус на стратешка инвестиција за овој проект од страна на владата, кој што се очекува во најскоро време.
Со оглед на тоа што овој проект ќе биде од огромно значење, не само за Македонија, туку и за целиот регион, многу млади што се едуцираат во овие домени, со нетрпение го очекуваат почетокот на изградбата на СТП, која предвидува вработуваање на над 800 кадри, кои и сега како и во минатите години биле принудени да ги бараат своите ангажмани во Европа и пошироко – велат од „Еуропа прима“.
Специјална гостинка на настанот ќе биде познатата пијанистка и директор на Арт-Линк од Белград Јованка Вишекруна, член на бордот на Stone Bridge Studios, музичките студиа на STP CPH, која воедно ја организираше и турнејата на Малкович низ регионот.
Интернационалниот универзитет „Еурппа прима“,по отпочувањето со реализација на овој капитален проект, во плејадата на личности кои претставуваат легенди во светот на аудиовизуелните уметности, како што се Шарл Азнавур, Роберт Вилсон, Маноел Де Оливеира, Јиржи Мензел итн, ќе го прогласи и Џон Малкович за Doctor Honoris Casua, со организација на ретроспектива на неговите филмови.
Потпишувањето на меморандумот ќе се одржи утре, 29.11.2022, во кино-салата на Кинотека на РС Македонија, со почеток во 13:30 часот.
Пригодни поздравни говори ќе одржат потписниците, Иван Видаковиќ од СТП „Капитал партнерс“ и Јордан Плевнеш од ИУ „Еуропа прима“, при што ќе откријат дополнителни информации за филмските и музичките студија и поврзаноста на двете институции.