Евроамбасадорот Дејвид Гир вечерва изјави дека Европската унија е подготвена да работи со новата влада и со сите кои го поддржуваат реформскиот процес и дека треба да продолжи евроинтеграцискиот пат.
-Мојата порака би била и до владата и, всушност, до целата земја. Верувам дека интересот на оваа земја е да продолжи по патот кон Европската Унија. Ние во Европската Унија сме подготвени да работиме со новата влада и со сите кои го поддржуваат реформскиот процес, што е неопходен за приклучување кон Европската Унија, и ќе направиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на оваа земја да напредува на патот кон ЕУ – изјави Гир.
Според него, тоа е задача и за владата и за сите клучни актери од целиот политички спектар.
-Со други зборови, проширувањето треба да биде национален проект кој ќе ги обедини сите да работат на реформите, да ги спроведуваат неопходните мерки, со цел да се приклучат кон Европската Унија што е можно поскоро – истакна Гир во изјава пред отворањето на изложбата „Обединети во различноста“, по повод 20 години од најголемото проширување на Европската Унија.