По трите денешни лажни дојави за подметнати бомби, три во скопски основни училишта и една во училиште во Крива Паланка, министерот за внатрешни работи информираше дека едната од нив всушност била од вчера, но дека директорката на основно училиште во скопски Петровец, на чија имеил адреса била испратена дојавата, вчера не ја видела пораката.
– Директорката вчера воопшто не го видела мејлот и не го пријавила, дури денеска го видела и пријавила. Бидејќи имаме повеќе училишта со име „Кочо Рацин” моравме да извршиме проверка кај сите нив – рече Спасовски.
Тој кажа дека ќе треба да се размисли овие објекти да имаат обезбедување, бидејќи само во едно од средните училишта во Скопје кое има свое обезбедување, досега немало дојава за бомба. Спасовски истакна дека е во тек проверката за дојавата за училиштето во Крива Паланка.
Спасовски повтори дека дојавите доаѓаат најчесто од заштитени адреси од странство од каде е тешко да се дојде до факти и информации, поради што и не може да се покрене постапка. Нови дојави за бомби денеска стасаа во три скопски основни училишта и едно во Крива Паланка. Вчера за прв пат дојави добија и основни училишта – „Кочо Рацин“ на Водно и „Петар Поп Арсов“ во скопски Карпош.