Фото: „Нова Македонија“

Покрај досега пријавените, попладнево избувнаа два нови пожари на отворено, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Првиот е на територијата на општина Петровец, во атарот на с. Градманци, а се движи во насока на с. Катлановска Брезница. Вториот е на територијата на општина Гевгелија, во атарот на с. Негорци каде што огнот се приближи на 50 до 100 метри до првите куќи. Поради загрозеност на луѓе и куќи таму итно е пренасочен еден армиски хеликоптер.

ЦУК претходно соопшти дека до 13 часот денеска, евидентирани се вкупно 16 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, шест се под контрола, три изгаснати.

Активни се пожарите во општините Македонски Брод – еден кај селата Тажево и Брезница – крак кон „Јасен“, втор кај селото Слатина, Охрид – на територија на Галичица, Чашка – кај селата Папрадиште и Ореше, Петровец – кај село Градманци. Потоа, пожарот на територија на општините Демир Хисар и Охрид – Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Активен е и пожарот во регионот на општините Богданци и Дојран, кај селото Фурка.

Под контрола се шест пожари во општините Делчево, Охрид, Пласница, Пробиштип, Студеничани и Зелениково.

Изгаснати се три пожари. Еден на територија на општина Валандово – кај селото Пирава, два во гостиварскиот регион – кај населбата Питарница и село Градец.