Фото: МИА

Не може да има целосна блокада на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ може да ги блокира само Комисиите што ги води, а Собранието ќе продолжи непречено да работи по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери.

Во однос на блокирањето на работата на Собранието од страна на опозицијата, Џафери, во интервју за РСЕ, вели дека Собранието функционира и ќе функционира.

– Во секој случај по одлуката за блокирање тоа си е право на опозицијата, како инструмент да го искористи во Собранието, тоа е во доменот на дискусиите што се одвиваат и во работните тела и на Пленарната седница. Не може да има целосна блокада на Собранието, затоа што може да не ги разгледаат точките што се на комисиите што тие ги водат, но другите комисии кои ќе ги разгледаат точките секако има услови да се разгледаат на пленарни седници, а пленарната седница според Деловникот е планирана и има тајминг на почеток и крај на дискусијата, така што Собранието ќе продолжи непречено да работи и по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи – изјави Џафери.

Во однос на уставните измени, Џафери, вели дека тоа не се обврски на мнозинството или на Собранието, туку тоа се обврски што државата ги преземала на патот за отворање на претпристапните преговори и на патот за полноправно членство за НАТО.

– Значи потребата за уставни измени не е заради потребата на мнозинството или не знам на кого, туку потреба на државата за да може да си го преземе и да го изоди патот, кој впрочем е определен пред три децении да се изоди со сите предизвици што ги има државата на тој пат. И во тој контекст сметам дека сите треба да рефлектираат по однос на интерес на државата и на граѓаните, а не по интерес на политичките партии и во смисла на дневна политика, борба за гола власт да се менува власта, туку во секој случај која и власт да дојде ќе мора да го изоди тој пат – нагласува Џафери.