Собранискиот спикер, Талат Џафери не чувствува одговорност да се извини на собраниските службеници кон кои се обратил со пцовки, а се слушаше на снимката од Собранискиот канал. На брифингот со новинарите не и даде збор ниту на Генералниот секретар, Цветанка Иванова. По низата прашањата за пцостите, тој одби да одговара конкретно, а потоа, им порача на новинарите да прашуваат но на други теми.
-Не сметам дека сум прекршил нешто, останатото е мислење на јавноста. Јавноста си го кажа своето-кажа Џафери.
Тој беше прашан и дали им се извинил на службениците, на што одговори: „Ќе ви кажат службениците“.
По ова, кажа дека не ги пцуел вработените: „Тоа е кон одговорноста, кон односот, кон работата“.
На посочувањата дека сите институции, вклучително и Собранието имаат начин на однесување, тој кажа: „Не чувствувам одговорност да се извинам“.
Исцрпно излагање, претседателот Џафери имаше само за тоа како работат службениците. Според него, грешката е кај нив, а не кај него. Како што кажа, службениците во работно време шетале низ центарот на Скопје, наместо да работат. Потоа, посочи дека тие го згрешиле и материјалот за 71. Седница.
– Немам објаснување во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловник е пропишана мојата надлежност. Треба да створам предуслови и услови за работа. И ако некој мисли дека службата треба на ул. Македонија да ја помине службата, претпоставувам дека граѓаните не сакаат таква служба. А ние како раководство на Собранието сме ги направиле сите предуслови да створиме соодветни услови за службата. И статусно, институционално, материјално. Службеник во Собранието има 20 отсто има повеќе плата од сите свои колеги во други институции-кажа Џафери.
Своето однесување за кое една недела не даде никаква изјава во јавност, го правдаше и со тоа дека тој како претседател спречил катастрофа на 71. седница по која дереше по службениците.
-Доколку се оди до крај, за таква грешка се оди дома. Материјалот кој се подготвил по гласање на дневниот ред, така како што беше подготвен, ја враќа седницата на почетокот. Ако не увидев на таква грешка, можеше да доведе во ситуација да не може да се поврати седницата. Таа не е лична работа, таа е одлука на Собранието. Собранието одлучува по дневниот ред. Такви материјали значеа седницата да се врати назад-дообјаснуваше Џафери.
Собранискиот претседател беше прашан и како би изреагирал доколку некој од новинарите упатот пцости кон него. Тој кажа дека ако така сметаат, да го направат тоа. Прашан дали во таква ситуација ќе повика обезбедување да ги исфрли новинарите со такво однесување, Џафери додаде: 27 април 2017 година сум кажал нема да допуштам слики кои сте навикнати да ги гледате. Тоа со обезбедувањето остави си го. Во мојот мандат е отворено Собранието да влезе кој кога сака“.
На брифингот со новинарите, Џафери објасни дека нема да испитува дали намерно се оставени вклучени микрофоните по седницата, кога тој почнал да цуе.
-Не е целта лов на вештерки да правиме. Да ги ловам вработените на грешки. Суштината е апропо статусот да ги извршуваат соодветно обврските. Ако ова продолжат ваквите грешки, ќе има соодветна постапка-објасни Џафери.
За барањето на оставка од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери рече: „Немаат со што да се бават, се бават со мене. Треба да им затворам усти?“.
Од новинарите, доби и прашање зошто не дозволува на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова да даде свое мислење за неговото однесување со пцуење: „Брифингот јас го организирам и спроведувам и не е приватна сопственост ова Собрание“.
Додека Џафери забрануваше Иванова да зборува, таа молчеше. И покрај обидот на новинарите да и се дозволи да зборува, Џафери остана на својот став, а Иванова не се побуни.