Поранешниот македонски министер за надворешни работи, Никола Димитров, бара итна реафирмација на македонските позиции во спорот со Бугарија и „итно заминување од владата на министрите кои се закануваат со кривичен прогон на свесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена државна стратегија”.
„Итна реафирмација на македонските позиции! Очајот на (дел од) владата за лажен успех оди дотаму што четирите услови на премиерот гласно и јасно изговорени од сред Брисел, се стопија прво на два збора, “протокол” и “отворање”, па за 24 часа само на еден збор “протокол”. Од повикот на шефот на дипломатијата пред три дена бугарскиот парламент да не го усвојува предлогот бидејќи тоа ‘ќе го блокира долгорочно европскиот процес’ за само еден ден потоа, токму усвојувањето на предлогот стана ‘голем напредок’. Ако потрае оваа агонија на игра со зборови и позиции уште малку, веројатно предлогот ќе им стане целосно прифатлив и ваков каков што е, а од историското НЕ ќе остане само горчливата прашина. За жал, ако навистина дојде до тоа – ќе ја дишеме сите долго, заглавени во ќорсокакот“, објави Димитров на неговиот фејсбук профил.
Поради тоа, вели тој, најитно е потребна гласна реафирмација на македонските позиции и дома и надвор, за да ги чујат сите кои можеби не сакале да ги слушнат, вклучувајќи го и еврокомесарот Оливер Вархеји.
„Абе за НАС се работи, за секој од нас. Има да одговарате на секое ново прашање, а не уште да обвинувате. Па, министри кои се закануваат со кривичен прогон на свесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена ‘државна стратегија’, нарекувајќи го тој автентичен чин ‘хибриден напад’, треба веднаш да ги снема од владата. Како стоиме денес нервозни господа во тие области, ако надворешната политика дозволи ваков дебакл што го гледаат сите со отворени очи, и дома и надвор, распрскувајќи ги македонските црвени линии на парчиња, а министри се закануваат токму кон слободните граѓани кои се обидуваат да ја намалат штетата, што веќе секако е огромна?“, напиша Димитров на неговиот фејсбук профил.