Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, од пред Палатата на нациите во Женева упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на македонското востание.
– Од Женева, од пред Палатата на нациите, на најзначајниот датум во македонската историја, изразувам благодарност на нашите предци, на бројните жени и мажи кои се бореа за слобода и демократија во нашата држава и ни оставија во аманет, да ја градиме заеднички Р. С. Македонија, без разлика на национална или верска припадност – истакнува Спасовски во видео обраќање.
11 Октомври, како што посочува, е најсветлиот датум во македонската историја, кога продолжуваат слободарските традиции започнати со Разловечкото, Кресненското, Карпошовото и Илинденското востание.
– Токму овој ден нè обврзува сите генерации од современа С.Македонија да ја градиме со напредок и просперитет. Заедно борејќи се против фашизмот придонесовме за глобален мир и просперитет. Денеска современиот патриотизам значи напредок и просперитет, одење сите заедно и сложно на патот кон европските интеграции за Р.С.Македонија – истакна Спасовски.