Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз / Фото: Принтскрин

Демократскиот сојуз предупредува на процес на сечење на македонските корени преку заедничката комисија за историски и образовни прашања, со што се отвора процес на бугаризација на Македонија.

– Работата на оваа комисија е рефлексија на решенијата содржани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија со кој се дефинира заедничка историја и формирање на Комисија за историски и образовни прашања. Формулациите за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил и препораките за менување на учебниците во двете земји кои ги усогласила заедничката комисија, директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија – порачуваат од партијата.

Демократскиот сојуз оценува дека е неприфатливо со административни комисии и решенија да се менува минатото, со интенција со релативизирање на историските факти да се негира и обезличува македонскиот идентитет. Ова е безуспешен обид на транспозиција на современата свест во далечното минато и погрешно сфаќање на историјата, формирана во периодот на комунизмот.

– Со оспорување на македонските просветители и револуционери кои се дел од кодот на секој Македонец, се негира македонскиот идентитет, неговите корени и иднината. Да потсетиме, тој што нема историја, нема иднина, а токму тоа сега се прави – велат оттаму.

Тие ги повикуваат историчарите од Македонија, од регионот и од Европа и сите прогресивни луѓе „да застанат зад историските факти во одбрана на македонскиот народ и неговиот идентитет, историја, култура и јазик“.

– Договорот е со фабричка грешка, бидејќи поаѓа од наводна заедничка историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, но Бугарија под таа формулација подразбира „бугарска историја“. Како држава, треба да ги процениме сите ризици од прифаќање на решенијата на Комисијата за историски и образовни прашања, како и од продолжување на нејзината работа, особено што овие обврски се дел од протоколот потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји и истовремено се составен дел на Преговарачката рамка за нашето пристапување кон ЕУ, кои Бугарија може да ги користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските процеси на Македонија – е ставот на Демократскиот сојуз.