Фото: Игор Бансколиев

Македонското министерство за надворешни работи ги објави препораките на заедничката мешана историско-образовна комисија меѓу Македонија и Бугарија и, во согласност со препораките, цар Самуил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум, на одредени јубилеи и значајни датуми, ќе се чествуваат заедно со делегации од Македонија и од Бугарија. „Нова Македонија“ се консултира со неколкумина познавачи на оваа проблематика, кои наредните денови ќе излезат и со официјален став и кои накратко ни соопштија дека препораките се проблематични од неколку аспекти и како такви ќе предизвикаат бурна реакција во македонското општество

Членовите на мешаната комисија за историски и образовани прашања на Македонија за првпат од својата неколкугодишна работа излегоа во јавноста со усогласени препораки за заедничко чествување одредени историски личности, како и за промени во учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија. Препораките се пратени до министерствата за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, а владите на двете држави треба да одлучат што понатаму. Доколку бидат прифатени препораките, тогаш образовните институции ќе треба да ги преточат во посочените учебници.
Македонскиот тим во комисијата за историски и образовни прашања одржа брифинг, на кој беа презентирани усвоените решенија на Комисијата за заеднички чествувања на одредени историски личности, како и препораки за подобрување на учебниците по историја. По брифингот, македонското министерство за надворешни работи ги објави препораките. Во согласност со препораките, цар Самуил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум, на одредени јубилеи и значајни датуми, ќе се чествуваат заедно со делегации од Македонија и од Бугарија.
„Нова Македонија“ се консултира со неколкумина познавачи на оваа проблематика, кои сакаат да останат анонимни, нагласувајќи дека во наредните денови ќе излезат со официјален став. Во оваа пригода накратко ни соопштија дека препораките се проблематични од неколку аспекти и како такви ќе предизвикаат бурна реакција во македонското општество.

Според нив, иако препораките треба да бидат врз основа на историските извори и факти, сепак, во нив преовладуваат ставовите на бугарската историографија. Во овој контекст е укажувањето во препораката дека цар Самуил е владетел на голема средновековна држава, која „поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско Царство“ со центар во територијата на денешната македонска држава. Според еминентни европски и светски историски научници, во светската историографија постои поделеност околу карактерот на Самуиловата средновековна држава, во смисла дека тоа е нова држава со седиште на територијата на денешната македонска држава, а тоа го нема во препораките на комисијата за историски и образовни прашања. Според информациите до кои дојдовме, оваа отстапка од македонска страна е направена непосредно пред зачленувањето на Македонија во НАТО, со цел да не настанат компликации околу приемот во оваа воена организација.
За препораките на Комисијата за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев на брифингот истакна дека тоа се и препораки што се однесуваат и на македонските и на бугарските учебници, а станува збор за по пет препораки што секоја од страните треба да ги имплементира, а се однесуваат на античкиот период. Во иднина, авторите на учебниците би требало да ги земат предвид овие препораки. Препораките се однесуваат на структурни недоследности и грешки во датумите и локациите. Ѓоргиев исто така посочи дека Владата може, но не е обврзана да ги прифати овие препораки од комисијата.
Во препораката за македонските учебници што се однесуваат за антиката, меѓу другото, се посочува дека сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава содржат историски анахронизам. Во делот за антиката во македонските учебници исто така се вели дека при претставување на некои антички заедници, потребно е да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (како на пример, Пајонците, Дарданците, Мигдонците).
Во однос на заедничкото чествување, академикот Драги Ѓоргиев истакна дека главни критериуми биле презентацијата на универзалните вредности на тие личности и придонесот во развивањето на христијанската култура и традиција и придонесот за сесловенската писменост.

– Се трудевме текстовите да имаат малку поширок и порегионален аспект. Тие личности овозможуваат да бидат заеднички чествувани од Македонија и од Бугарија, туку и пошироко и ќе придонесат за подобрување на односите на двата народа – рече академикот Драги Ѓоргиев, копретседавачот на комисијата.
Досегашното работење на комисијата за историски и образовни прашања беше проследено со неколку контроверзии. Македонските и бугарските членови на комисијата усогласија препорака за заедничко чествување на Григор Прличев, а тоа беше потврдено и јавно од Драги Ѓоргиев. Меѓутоа подоцна бугарските членови ретерираа од усогласената препорака. Според нашите информации, бугарското отстапување од договореното било поради тоа што во препораката се вели дека Григор Прличев бил значаен и за македонската култура.
Работата на историската комисија се проблематизира и со оставката на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, кој посочи на надворешни мешања и политички притисоци во работата на комисијата. Според досегашните информации, испразнетото место сѐ уште не е пополнето и, всушност, македонскиот дел од комисијата работи со еден член помалку. Останува нејасно кога ќе биде пополнето испразнетото место. Д.Ст