Фото: МИА

Да се фокусираме на тоа што не обединува, а тоа е напредокот на Р.С.Македонија на евроинтеграцискиот пат – порачува претседателот на Парламентот Талат Џафери во честитка упатена до граѓаните по повод новогодишните празници.

– Подобриот стандард за живот и работа за нашите граѓани. Подобро и поквалитетно образование за нашите млади, за иднината на државата. Сите заедно, без оглед на сите вештачки поделби, ако сме единствени околу тоа што не обединува, а тоа е Р.С.Македонија да биде дом на нашата младина, земја со европски стандарди и вредности, тогаш мораме да си веруваме, да се почитуваме, меѓу нас внатре и надвор со нашите соседи – вели Џафери во честитката.

На прагот на Новата 2023 година, се посочува во честитката, мора да ги занемариме разликите кои прават вештачка поделба меѓу нас како што е етничката, верската, партиската припадност и разликите во однос на маргинализираните групи кои имаат двојно повеќе тешкотии во остварувањето на своите права и обврски.

Џафери им ги честита новогодишните празници на граѓаните, посакувајќи им да ги поминат во душевен мир, семеен спокој и благосостојба, со желба за добро здравје, личен и колективен успех во работата.

– Ви посакувам добро здравје, за вас, за вашите најблиски! Личен и колективен успех во работата! Бидете среќни, бидете задоволни од себе пред сѐ! Поминете ги празниците во душевен мир, семеен спокој и благосостојба. Нека ви бидат домовите топли а мислите благородни! Нека Новата година биде среќна и бериќетна за Р.С.Македонија! – вели спикерот Џафери во честитката упатена до граѓаните по повод новогодишните празници