Бујар Османи Фото: Фејсбук

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во новогодишно обраќање посака поуспешна 2023 година која ќе нè обедини против поделбите и ќе создаде можност да се посветиме на напредокот со, како што вели, поглед вперен кон иднината, што е единствениот пат до успехот.

Според Османи, почетокот на пристапните преговори за членство во Европската Унија по 17 години кандидатски статус, забрзувањето на процесот на ЕУ-реформите, лансирањето на Стратешкиот дијалог со САД и потпишувањето на договорот за Фронтекс, кој долги години беше заглавен поради несогласувањето за употребата на македонскиот јазик, се едни од најзначајните успеси кои Македонија ги постигна на полето на надворешната политика во 2022 година, а кои директно влијаат на напредокот на земјата.

Османи во новогодишното обраќање ги акцентира придобивките од преговорите со ЕУ, за кои рече дека ќе ги почувствуваме многу брзо, потенцирајќи дека секој чекор напред во преговорите, ќе значи и чекор напред во однос на квалитетот на животот за секој граѓанин.

– Во 2022 година донесовме одлуки со кои многу брзо нашиот сон за економски силна земја стануваат реалност. Ги започнавме преговорите со Европската Унија со што ја остваривме клучната стратешка цел поставена пред 30 години. Почетокот на преговорите со ЕУ, значи зајакнување на куповната моќ на граѓаните, но и намалување на социјалната ранливост на нашето општество, а тоа е најважно за квалитетен и безбеден живот на сите наши граѓани – потенцира Османи.

Изминатата година, наведува Османи, земјата го започна и членството во Унијата за Медитеранот, како една од поголемите мултилатерални организации за соработка на Европа со земјите од Медитеранот, а беше организирано и второто издание на „PrespaForumDialogue“, со цел Македонија да продолжи да биде градител на мостови низ целиот регион.

Според Османи, најголемиот предизвик во годината која следи започнува од 1 јануари 2023 година, кога Р.С.Македонија официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата регионална организација за безбедност и соработка која опфаќа 57 држави учеснички од Европа, Средна Азија и Северна Америка.

Министерот Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија.

Со ова, Македонија се афирмира како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок регионален контекст.

– 2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Р.С.Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето – подвлече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ во 2023 година, Бујар Османи во новогодишно обраќање до јавноста.

Османи потенцира дека Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност, вели тој, со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси.

– Фокусот на претседавањето ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност. Во тој контекст, приоритет ќе се стави на и теренските мисии, при што ќе се преземат и поддржат конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредувањато на нивните права и слободи – истакна Османи.

Освен фокусот на теренот во областите зафатени со конфликти, приоритетите на Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот, како и обновување на довербата и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.