Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувајќи низ историските архиви и од сознанијата на универзитетските професори и историчарите, откриваме дека Бугарија како држава во периодот од 1878 година до почетокот на Балканските војни, во текот на неколку децении преговарала со Белград и Атина за поделба на Македонија. Подоцна, со директно учество на руската дипломатија, на 29 март 1912 година, во Софија, Гешов и Миловановиќ потпишале договор за сојуз, кон кој бил анексиран и таен додаток за поделба на Македонија

Универзитетските професори и историчари истакнуваат дека Бугарија како држава во периодот од 1878 година до почетокот на Балканските војни, во текот на неколку децении преговарала со Белград и Атина за поделба на Македонија. Постојната историска документација и сведоштва исто така покажуваат дека Бугарија им признавала сфери на влијание на своите балкански соседи, со што неофицијално им го признавала нивното право врз делови од Македонија. Проф. д-р Никола Минов од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје вели дека бугарските државници пред домашната јавност зборувале за бугарска Македонија, но зад кулисите покажувале волја за поделба на македонскиот народ.

Зошто Бугарија преговарала за поделба на Македонија

Во последните децении на 19 век, официјална Софија имала најголеми претензии кон Македонија и затоа македонското прашање заземало централно место во бугарската надворешна политика. Водена од великобугарскиот санстефански идеал, бугарската држава започнала силна пропагандна активност во Македонија преку црквите и училиштата. Проф. д-р Никола Минов вели дека црквите и училиштата биле само алатка што го олеснувала остварувањето на големодржавните цели на софиските политичари, но и адут што бугарската дипломатија го користела при директните преговори со своите конкуренти.
Бугарија била свесна за слабостите на Османлиската Империја и настојувала да присвои што повеќе османлиски територии на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Но Софија не била единствениот претендент, бидејќи и другите балкански држави манифестирале територијални претензии на Балканот. Оваа противречност ја принудила Софија да започне преговори за поделба на сфери на влијанија со Атина и Белград.
Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, во текот на преговорите секоја од балканските држави настојувала да обезбеди признавање на своите претензии и определување на сфери на влијанија како основа за идна поделба на Македонија.

Бугарско-грчки преговори

Во јули 1880 година, Кондуриотис, грчки дипломатски претставник во Цариград (Истанбул), го информирал Балбанов, бугарски дипломат, дека Атина е подготвена за договор помеѓу Бугарија и Грција. Меѓу другото, грчкиот дипломат предложил и поделба на Македонија, притоа на Бугарија требало да ѝ припадне северниот дел, а на Грција јужниот дел на Македонија. Според Никола Минов, договорот требало да го избегне судирот помеѓу Софија и Атина околу Македонија. Во следниот период преговорите за поделба на Македонија на сфери на влијанија помеѓу Бугарија и Грција продолжиле помеѓу нивните дипломатски претставници во Цариград и во Букурешт.
Во мај 1883 година требало да биде потпишан сојуз помеѓу Бугарија и Грција, а договорот предвидувал и поделба на интересни сфери во Македонија. Во 1886 година, од грчка страна му било предложено на бугарскиот кнез Батенберг двете држави да се спогодат за поделба на Македонија. Преговорите биле поддржани од бугарскиот кнез Александар Батенберг, кој требало да потпише договор со грчкиот крал Георгиос, со кој би се утврдиле деталите за преземање заедничка акција во Македонија, за нејзина поделба и дефинитивно решавање на македонското прашање. Но поради абдикацијата на Батенберг не дошло до реализација на предвидениот договор за поделба на Македонија.
По отворањето на бугарското дипломатско претставништво во Атина во декември 1896 година, грчко-бугарските преговори за Македонија се воделе во грчката метропола, но Бугарија не била подготвена да ги прифати предлозите за поделба на сфери на влијание, поради што преговорите постојано се одолжувале, за во декември 1897 година целосно да бидат прекинати.

Бугарско-српски преговори

По обединувањето помеѓу Кнежевство Бугарија и Источна Румелија во 1885 година, бугарските политичари биле свесни дека обединувањето нема да биде прифатено од балканските соседи и дека е можен воен судир со Србија. За да се избегне војната со Белград, бугарскиот кнез Батенберг испратил предлог до српскиот крал Милан за сфери на влијание во Европска Турција и за определување на границите на претензиите. Меѓутоа Белград го одбил предлогот.
Во 1896 година, новиот бугарски кнез Фердинанд во Цариград имал средба со српскиот дипломатски претставник Владан Ѓорѓевиќ. Во текот на разговорите, Фердинанд ја истакнал потребата од српско-бугарско зближување и договарање за Македонија. Меѓу другото, Фердинанд потенцирал дека „во Македонија, главната маса од населението не се ниту Бугари, ниту се Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик еднакво далечен или еднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но јазик што е посебен дијалект, ако не и посебен јазик“.
Неуспехот на грчко-бугарските преговори дејствувал како катализатор за интензивирањето на српско-бугарските преговори. Токму во предвечерјето на грчко-турската војна била склучена српско-бугарска спогодба (т.н. Угодба од 19.2 1897 година).
– Спогодбата, која била пред сè насочена кон зачувување на статус квото на Османлиската Империја, давала можност за спогодбено разгледување на сите прашања поврзани со српско-бугарските интереси во Македонија – вели Никола Минов.
Покрај тоа, било предвидено двете влади, до разграничувањето и утврдувањето на интересните сфери, меѓусебно да не си пречат и заемно да си помагаат на пропаганден план.
Во почетокот на 1904 година, бугарската влада на генералот Рачо Петров започнала тајни преговори со Србија за сојуз и усогласување на политиката кон Македонија. Во преговорите бугарската страна го прифатила ставот на Србија дека на Балканот немало место за нова словенска држава, т.е. дека било спротивно на нивните интереси од македонските Словени да се создава четврта словенска државичка.
– На 30 март 1904 година, Бугарија и Србија потпишале таен договор за сојуз, со кој Македонија била поделена на интересни сфери, без да се определи линија на разграничување. Притоа, двете држави се обврзале на заемно толерирање на нивните пропаганди – нагласува Никола Минов
Во јули 1908 година, непосредно по младотурскиот преврат, бугарскиот министер за надворешни работи Паприков писмено го известил кнезот Фердинанд дека српската влада предложила преговори за заедничко дејствување во Македонија, при што министерот истакнал дека бугарската влада се согласува на таков договор.

Договор за поделба на Македонија

Проф. д-р Никола Минов истакнува дека со приближувањето на сè поизвесното османлиско отстапување од Балканот, Бугарија станувала свесна дека освојувањето на целиот план наречен Македонија е само утопија и дека конечно мора да се договори со своите соседи за начинот на кој би се поделил пленот.
Затоа, во есента 1911 година Софија иницирала преговори за Македонија, при што од Бугарија било предложено да се договорат териториите што Бугарија и Србија би биле подготвени меѓусебно да си ги признаат како неоспорни.
Бугарската влада го испратила во Белград Димитар Ризов, кој требало да договори средба на премиерите Гешов и Миловановиќ. Бугарскиот пратеник бил ополномоштен, во случај српската страна да не сака да разговара за автономија на Македонија, да ја искаже подготвеноста на Бугарија да прифати српски интереси во Македонија и територијални отстапки во северниот дел со Скопје.
На договорената средба помеѓу бугарскиот и српскиот премиер, Миловановиќ побарал многу повеќе од тоа што го понудил неговиот бугарски колега. Сепак, во тој миг Гешов не бил подготвен да ги прифати српските барања на целата територија до линијата Брегалница – Велес – Драч, поради што не дошло до потпишување договор. Контактите сепак продолжиле, а со директно учество на руската дипломатија, на 29 март 1912 година, во Софија, Гешов и Миловановиќ потпишале договор за сојуз, кон кој бил анексиран и таен додаток за поделба на Македонија.
– Кога меѓународната констелација налагала соработка меѓу балканските држави и за време на решавачките моменти за опстанокот на Османлиската Империја, Бугарија лесно влегувала во преговори за поделба на Македонија или, пак, им признавала сфери на влијание на своите балкански соседи, со што неофицијално им го признавала нивното право врз делови од Македонија – вели Никола Минов.
Д.Ст.