Песната „Заветна“, која Македонците не само во татковината, туку и низ светот ја прифатија како неофицијална химна, дело на браќата Миле и Ѓорѓи Барбаровски, првпат отпеана пред 31 година со кадифениот глас на Пепи Бафтировски, досега има повеќе верзии.

Последната е на Игор Атанасоски-Харе и Игор Џамбазов, долгогодишни соработници на музичката сцена.

– Идејата да снимиме наша верзија на „Заветна“ е моја, а Игор со големо задоволство прифати да ја испее. Веќе неколку месеци ја изведуваме на коцнертите и публиката секогаш пее со нас. Снимавме во студиото „Тралала“ на Мите Димовски, јас го направив новиот блуз аранжман, а придружниот вокал е на Тамара Тодевска. Покрај мојата гитара се слуша и басот на Трајко Симоновски-Таци, тапаните ги отсвире Златко Михајловски – Бумбар, а зад клавијатурите е Филип Димишковски. Деновиве го промовираме спотот за „Заветна“ што го режираше Гоце Трајковски, а монтажата е на Стефан Меновски. Во видео приказната има сцени од култни македонски филмови, за чие кроистење е добиена дозвола од „Кинотека“ на Македонија – вели Игор Атанасоски – Харе.

Игор Џамбазов, пак, на социјалните мрежи за оваа верзија напиша: „Ова наше видување на легендарната ‘Заветна’, испеана од Пепи Бафтировски, звучи како кога по некоја случајност Пепи Бафтировски и Гери Мур, би седеле на иста маса и би ја напишале оваа песна“.

Своја верзија на „Заветна“ снимија и : Владо Јаневски, Андријана Јаневска и Игор Дурловсли, Бојана Скендеровски, актерот Владо Јовановски, како Мич Бузалевски во серијата „Преспав“ и многу други.

М.Т